„Убеден сум дека сега е моментот кога руската разорна војна мора и може да се запре“, рече Зеленски.
„Постои украинска формула за мир. Мир за Украина, Европа и светот. И има голем број решенија кои можат да се спроведат за навистина да се гарантира мирот.
Учествувајќи на самитот изнесов предлози за вакви одлуки - конкретни и искрени. Украина им нуди на водечките земји во светот да бидат ко-креатори на мирот со нас.
Значи, условите на Украина за мир се:
1. Нуклеарна безбедност;
2. Безбедност на храната;
3. Енергетска безбедност;
4. Ослободување и враќање на затворениците и на депортираните;
5. Имплементација на Повелбата на ОН и враќање на територијалниот интегритет на Украина и светскиот поредок;
6. Повлекување на руските војници и прекин на борбите“, објави Зеленски на својот Фејсбук профил по говорот.
„Нема да дозволиме Русија да чека и да ги зајакне своите сили... Убеден сум дека сега е моментот кога руската војна мора и може да се запре“, додаде тој. Тој рече дека Русија мора да го потврди територијалниот интегритет на Украина, да ги повлече своите трупи од украинска територија и да плати компензација за предизвиканата штета.
Војната треба да заврши „праведно и врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право“, рече украинскиот претседател. Тој повика на повторно воспоставување на „радијациска безбедност“ во однос на нуклеарната централа Запорожје, воведување ограничувања на цените на руските енергетски ресурси и проширување на иницијативата за извоз на жито и ослободување на сите украински затвореници.
Зборувајќи за конфликтите во украинската нуклеарна централа Запорожје, Зеленски рече дека никој нема право да го уценува светот со нуклеарна катастрофа и дека Русија ја претворила централата во радиоактивна бомба која може да експлодира во секој момент.
„Ве молиме, изберете го својот пат за лидерство - и заедно сигурно ќе ја спроведеме формулата за мир“, им рече тој на учесниците на самитот.
Соединетите Држави очекуваат Г-20 да ја осудат руската војна во Украина и нејзиното влијание врз глобалната економија, изјави претходно висок американски функционер.
Русија својата акција во Украина ја нарекува „специјална операција“ за разоружување на Украина и нејзина заштита од фашистите. Украина и Западот велат дека фашистичките обвинувања се неосновани и дека војната е неиспровоциран акт на агресија.
Откако Русија објави дека претседателот Владимир Путин е премногу зафатен за да присуствува, на самитот на Г20 беше претставена од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.