Зеленски кажа дека тој е „лидер на Украина, а не на мини-Украина“. Меѓутоа, не го спомна Крим кој Русија го анектираше во 2014 година.
Украинскиот претседател кажа дека не може да се разговара за тоа Русија да ја задржи територијата која ја освои откако ја нападна Украина.
„За да сопре војната меѓу Русија и УКраина, чекорот би требало да биде враќање на ситуацијата од 23 февруари“, кажа тој на прашањето на Би-би-си.
„Ме избра народот на Украина за претседател на Украина, а не за претседател на некој вид на мини-Украина. Ова е многу важна точка“, додаде Зеленски.
Повикувањето на ситуацијата од 23 февруари сугерира дека Украина можеби повеќе нема да инсистира на повторно враќање на Крим пред склучувањето мир со Русија. Полуостровот пред осум години беше припоен кон Русија.
Зеленски повика на продолжување на дипломатскиот дијалог меѓу Русија и Украина: „И покрај фактот што ги уништија сите наши мостови, мислам дека сè уште не се сите мостови уништени, фигуративно кажано“.
Русија, пак, оцени дека преговорите меѓу двете земји стагнираат.






