Министерот за внатрешни работи

Зехофер: Во Германија е многу голема заканата од екстремната десница

Безбедносната закана од екстремната десница е „мошне висока во Германија“, изјави министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер по расистичкиот напад во Ханау, во кој се убиени девет лица.

„Ќе го засилиме надзорот на деликатните места, особено во џамиите, како и на аеродромите“, рече министерот на конференцијата за новинарите во Берлин.

Четириесетгодишен Германец во средата уби девет луѓе со емигрантско потекло во месноста Ханау кај Франкфурт пред да ја убие својата мајка и себеси. Напаѓачот, идентификуван како Тобијас Р., остави зад себе повеќе текстови и видеоснимки во кои застапува расистички погледи и тврди дека од раѓање бил под надзор.

Германската министерка за правда Кристин Ламбрехт вети дека владата детално ќе разгледа како може екстремистите легално да поседуваат оружје како што бил случајот со напаѓачот во Ханау.

Таа кажа дека насилството на екстремната десница сега претставува главна опасност за германската демократија, не само поради бројот на осомничените, туку и поради интензитетот на нивната решителност.

Зехофер кажа дека одбива да се „релативизира“ расистичката мотивација на осомничениот во Ханау, кој се уби, затоа што во текстот од 24 страници покажал стари чувства на прогонување и развива теорија на заговор.

Изгледа дека Тобијас Р. дејствувал самостојно, како и човекот што уби две лица во октомври во Хале по обидот за напад пред синагогата.

Двајцата министри ја истакнаа тешкотијата да се детектираат осомничените.

„Околу половина од луѓето што презеле некакво дело не ѝ се познати на полицијата“, рече шефот на криминалната полиција Холгер Мунк.

Германија неодамна ја засили контролата на оружјето, а во средата владата усвои нови мерки за полесно забележување на заканите на екстремната десница преку интернет и потешки казни.  

Нападот се случи во време кога во Германија расте загриженоста поради екстремната десница, поради поранешните напади и зајакнувањето на антиимигрантската партија Алтернатива за Германија (АфД).

Функционер од Социјалдемократската партија на левиот центар, партнер во коалициската влада на канцеларката Ангела Меркел, ја обвини АфД дека им дава идеолошка храна на луѓето како напаѓачот во Ханау.

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе