Финиш на кампањата во Британија

Завршни пораки на Џонсон и Корбин пред утрешните избори (ВИДЕО)

Во Британија утре се одржуваат вонредни парламентарни избори. Лидерите на партиите во последниот ден од кампањата им испратија клучни пораки на гласачите пред утрешните избори. Борис Џонсон истакна дека само Конзервативната партија „ќе го заврши брегзитот“ и ќе го забрза напредокот на земјата, додека Џереми Корбин истакна дека Лабуристичката партија „ќе ѝ даде надеж на следната генерација“.

Џонсон последниот ден од кампањата го почна во Западен Јоркшир. Истакна дека кампањата не можела да биде потензична и дека повторно постои ризик од тоа да нема парламентарно мнозинство.

Главната порака на актуелниот премиер беше насочена на завршувањето на кризата предизвикана од брегзитот.

„Ако набрзо не излеземе од овој жив песок, иднината на нашата земја ќе остане несигурна“, истакна Џонсон и додаде дека ториевците ќе се залагаат за инвестиции во националната здравствена служба, зголемување на бројот на полицајците и воведување нов емиграциски систем.

Џереми Корбин последниот ден од кампањата го почна во Глазгов, каде кажа дека лабуристичката влада „ќе ја елиминира сиромаштијата на децата, ќе ѝ даде надеж на следната генерација и на вистински начин ќе вложува во образованието низ Британија“.

„Запамтете дека утре е нашиот избор, нашата шанса, да избереме влада која ќе биде за многумина, а не за неколкумина. Влада на која можете да ѝ верувате“, кажа Корбин и истакна дека Лабуристичката партија ќе се потруди да обезбеди договор околу брегзитот кој е „добар за работниците“ и дека последниот збор ќе го има јавноста.

Според последните анкети, Конзервативната партија на утрешните избори би требало да освои околу 43 отсто од гласовите, додека лабуристите заостануваат и се проценува дека ќе освојат околу 33 отсто од гласовите на Британците.

Вонредните парламентарни избори во Британија се одржуваат утре, гласачките места ќе бидат затворени во 22 часот по локално време, кога ќе се знаат и првичните проценки на изборните резултати.

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе