Западот ја затвора финансиската славина, на талибанците им останува опиумот

Финансиската војна против талибанците значи замрзнување на девизите и запирање на развојната помош, а експертите велат дека на талибанците им остануваат - трговијата со дрога, уцените и нелегалните даноци, но дека тоа не е доволно за управување со земјата.

Фото: ЕПА

Откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан, западните земји се прашуваа како можат да им се спротивстават на милитантните исламисти. Воени решенија не доаѓаат предвид, па САД и нивните сојузници се престроија за водење „финансиска војна“, пишува Дојче веле.

Американскиот претседател Џо Бајден и Федералните резерви замрзнаа милијарди долари авганистански средства на американските сметки. Речиси 9 милијарди американски долари се пласирани во САД и други земји. Меѓу нив има авганистански резерви на злато во износ од 1,2 милијарди долари и 300 милиони долари странски ефективни пари.

Очекувајќи го падот на Кабул, Бајден го запре протекот на долари во Авганистан. Поранешниот претседател на Националната банка на Авганистан, Ајмал Ахмади, вели дека оваа мерка ќе го стави авганистанскиот народ во многу тешка положба.

Волстрит џурнал известува дека Вашингтон го блокирал пристапот на талибанците до сметките на авганистанската влада, кои се водат кај Федералните резерви и други американски банки.

Ахмади на Твитер објави дека Авганистан, поради големиот девизен дефицит, зависи од „редовните испораки на готовина на секои неколку недели. Износот на кешот во земјата е речиси нула“.

Неколку земји, вклучително и Германија, ја прекинаа помошта за развој. Авганистан е мошне зависен од странската помош и е упатен кон неа ако сака да избегне колапс на кревката економија. Меѓународниот монетарен фонд блокираше 340 милиони американски долари во девизни резерви, кои талибанците би можеле да ги претворат во цврста валута. Официјалната причина е „нејасната ситуација дали меѓународната заедница ќе ја признае новата влада“.

Без разлика до какви финансиски резерви ќе се дограбат талибанците, тоа нема да биде доволно за да управуваат со земјата. Ханс-Јакоб Шиндлер, поранешен координатор на тим на ОН, за Дојче веле изјави дека тие резерви не се доволни за „одржливо водење на земјата“.

Со текот на годините, талибанците, како „терористичка организација“, беа предмет на меѓународни санкции. Тие ја финансираа својата борба со одгледување опиум, трговија со дрога и уцени.

Авганистан е најголемиот извозник на опиум во светот. Последниот извештај на ОН проценува дека годишниот приход на талибанците од таа активност е помеѓу 300 милиони и 1,6 милијарди долари.

Новите господари на земјата ветија дека ќе ѝ стават крај на трговијата со дрога, но треба да се биде скептичен во врска со тоа ветување, особено кога ќе се земат предвид финансиските репресалии воведени од западната заедница на држави, наведува Дојче веле.

„Се сомневам во нивната волја да го запрат производството на дрога во Авганистан. Тамошните команданти едноставно немаат друг извор на приход“, вели Шиндлер.

Доверлив извештај на НАТО се повикува на некои други талибански извори за финансирање, како што се илегално ископување руда и произволни затајувања на даноците и царините. Покрај тоа, во извештајот се тврди дека талибанците редовно примаат пари од донатори од Иран, Пакистан, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Катар.

На талибанците им треба меѓународно признание доколку сакаат ефективно владеење. Замрзнувањето на финансиите и поддршката на развојот може да помогнат да се изврши притисок врз талибанците да формираат влада што би изгледала прифатлива за западните земји.

Шиндлер смета дека резервите пари во банките што талибанците можеби ги стекнале во својата кампања веројатно не се значителни, што „би требало да води кон пронаоѓање нови извори на приход“.

Ахмади проценува дека изворите на пари со кои располагаат талибанците покриваат можеби 0,1 до 0,2 проценти од вкупните резерви на Авганистан во странство. „Тоа не е многу“, додаде тој.

Голем број аналитичари се сомневаат во волјата и компетентноста на талибанците да ги користат природните ресурси, и покрај неколкуте договори со Кина за ископ на руда што беа потпишани од претходната влада.

„Талибанците немаат намера да ја градат авганистанската економија и најверојатно ќе го затворат секој странски бизнис во земјата. По својата природа и идеологија, талибанците не се заинтересирани за економски раст“, рече Тилман Брик, основач и директор на берлинскиот Меѓународен центар за безбедност и развој.

Тој верува дека западните инвеститори ќе се исплашат и нема да сакаат да се занимаваат со бизнис со група што ги отфрла сите либерални вредности. „Просторот за маневрирање на приватните инвеститори отсекогаш бил многу ограничен и ќе биде уште потесен сега кога повеќе нема западна армија во земјата“, оценува Брик.

Поранешниот гувернер Ахмади очекува дека новите владетели веднаш ќе воведат девизна контрола што ќе ја ограничи расположливоста на доларот, ќе ја поттикне инфлацијата и губењето на вредноста на домашната валута, и сето тоа ќе ги погоди најсиромашните, пишува Дојче веле.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Радован Павловски (1935, Ниш, Србија) е водечко име на третатта генерација македонски писатели, која во нашата литература се појави во шеесеттите години на минатото столетие и внесе нов творечки дух со препознатлив национален белег.

повеќе

Во јавните високообразовни институции, научноистражувачката дејност е целосно маргинализирана под неопходниот минимум.

 

повеќе

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе