Таа наведе дека заедничката изјава усвоена на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Букурешт укажува дека Алијансата не сака мирно решение во Украина.
„Формулацијата на таа изјава укажува дека НАТО е апсолутно незаинтересиран за политичко и дипломатско решение во Украина“, кажа Захарова, а пренесуваат руските агенции.
Захарова оцени дека НАТО продолжува да ја спроведува политиката обликувана непосредно по државниот удар во Украина во февруари 2014, што вклучува „давање бланко поддршка на режимот во Киев и, во прилог на тоа, демонизирање на Русија за да се оправда самото постоење на Северноатлантската алијанса“.
Министрите за надворешни работи на членките на НАТО изјави претходно денес во Букурешт дека ќе ја засилат помошта на Украина и тоа не само со воена опрема, туку и во обновата на критичната инфраструктура и зголемувањето на заштитата од ракетни напади.
Во изјавата се наведува дека Русија „сноси целосна одговорност за војната, кршењето на меѓународното право и принципите на Повелбата на ОН“.
Министрите истакнаа дека се неприфатливи акциите на Москва, вклучувајќи ги „хибридните активности, енергетските уцени и безобѕирната нуклеарна реторика, кои го поткопуваат меѓународниот поредок заснован на правила“.