Според неколку студии

Загадениот воздух носи далеку поголема смртност од ковид-19

Загадениот воздух го зголемува ризикот од респираторни проблеми што може да бидат фатални за пациенти со коронавирусот.

Загаденоста на воздухот е поврзана со значително повисоки стапки на смртност кај лица со ковид-19, вели една анализа.

Делото покажува дека дури и мало, еднократно зголемување на нивото на загаденоста со честички во годините пред пандемијата е поврзано со 15% зголемување на стапката на смртност. Истражувањето, направено во САД, пресметува дека малку почистиот воздух на Менхетн во минатото можел да спаси стотици животи.

Со оглед на големите разлики во нивото на токсичниот воздух низ земјите, истражувањето покажува дека луѓето во загадените области многу поверојатно ќе починат од коронавирусот отколку оние што живеат во почисти области. Научниците соопштија дека веќе е познато дека валканиот воздух го зголемува ризикот од синдром на акутна респираторна болест, кој е екстремно смртоносен и е причина за смртни случаи поврзани со ковид-19, како и за други респираторни и срцеви проблеми, пренесува Гардијан.

Во друг извештај од научници во Италија се забележува дека високите стапки на смртност забележани на северот на земјата се заемно поврзани со највисоките нивоа на загаденост на воздухот.

Научниците рекоа дека нивните наоди може да се искористат за да се осигури дека областите со многу загаден воздух преземаат дополнителни мерки на претпазливост за да се забави ширењето на вирусот и да се применат дополнителни ресурси за справување со појавата. Загадувањето на воздухот веќе опадна поради масовните карантини, но научниците рекоа дека обезбедувањето почист воздух во иднина ќе помогне во намалувањето на смртните случаи од ковид-19.

Студијата, спроведена од истражувачи од школата за јавно здравје на Харвард во Бостон, ги анализирала загаденоста на воздухот и починатите од ковид-19 до 4 април во 3.000 американски окрузи, опфаќајќи 98% од населението. „Откривме дека зголемувањето од само 1 мг / м3 на ПМ2,5 (честички) е поврзано со 15% зголемување на стапката на смртност од ковид-19”, заклучил тимот.

За мало зголемување на изложеноста на загаденост со честички во текот на 15-20 години веќе беше познато дека го зголемува ризикот од смрт од сите причини, но новото дело покажува дека ова зголемување е 20 пати поголемо кај починатите од ковид-19.

„Резултатите се статистички значајни и силни“, велат тие. Студијата зела предвид низа фактори, вклучувајќи ги нивото на сиромаштија, пушењето, дебелината и бројот на тестови за ковид-19, како и достапноста на болнички легла.

„Претходната работа покажа дека изложеноста на загаден воздух драматично го зголеми ризикот од смрт од (коронавирусот) САРС за време на епидемијата во 2003 година“, рече Рејчел Нетери од тимот на Харвард. „Затоа, сметаме дека нашите резултати се во согласност со овие наоди“.

Сиао Ву, друг член на тимот, рече: „Оваа информација може да ни помогне да се подготвиме со поттикнување на населението (кое е мошне изложено на загаденост) да преземе дополнителни мерки на претпазливост и да распределиме дополнителни ресурси за да го намалиме ризикот од лоши исходи од ковид-19. Веројатно е дека ковид-19 ќе биде дел од нашите животи долго време, и покрај нашата надеж за вакцина или третман. Имајќи го предвид ова, треба да размислиме за дополнителни мерки за да се заштитиме од загадување за да се намали бројот на починатите од ковид-19.“

Авторите велат дека резултатите ја истакнуваат потребата да се продолжи со спроведувањето на постојните регулативи за загадување на воздухот и дека неуспехот да се стори тоа може да го зголеми бројот на починати од ковид-19.

Втора студија што се фокусира на Италија, објавена во списанието „Загадување на животната средина“, вели: „Заклучуваме дека високото ниво на загаденост во северна Италија треба да се смета за дополнителен фактор за високото ниво на смртност забележано во тоа подрачје“.

Се вели дека северна Италија била една од најзагадените области во Европа и дека стапката на смртност пријавена до 21 март во северните региони Ломбардија и Емилија-Ромања е околу 12%, во споредба со 4,5% во остатокот од Италија.

„Добро е познато дека загадувањето ја нарушува првата линија на одбрана на горните дишни патишта, имено цилии, така што субјектот што живее во област со високо ниво на загаденост е повеќе склона кон развој на хронични респираторни состојби и (е поранлива) на секој заразен агенс“, рече тој.

Медицинските научници кон средината на март предупредија дека изложеноста на загаден воздух може да го влоши ковид-19. Раните истражувања за ковид-19 посочиле дека ослабените бели дробови кај пушачите и кај поранешните пушачи ги направиле поподложни на вирусот.

Иако карантините предизвикаа драстично опаѓање на загаденоста на воздухот, една сеопфатна глобална анализа објавена во 2019 година откри дека долгите периоди на загаденост на воздухот може да му наштетат на секој орган и буквално на секоја клетка во човечкото тело.

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе