По затворањето на рестораните

Заборавете го коронавирусот, идат стаорците: гладни, агресивни, многу плодни - и влегуваат во нашите домови!

Откако се затворија рестораните и помалку храна се фрла на улиците, стаорците мораа да најдат нови места за да се хранат. За нивна среќа, луѓето сега јадат повеќе, во своите куќи, станови и градини...

Карантинот им падна тешко на глодачите, чија благосостојба е поврзана со таа на луѓето. Кога рестораните се затворија, а градските улици и улички се испразнија од луѓето и од нивниот отпад, стаорците загубија обилни залихи храна. Така, тие нѐ следеа дома, хранејќи се и размножувајќи се во нашите градини, канализации и дупки во домаќинствата. Тие станаа подрски и поагресивни. И, кога тоа не беше доволно, почнаа да се јадат едни со други, вели Гардијан.

Канибалните стаорци се едни од најлошите последици од развојот на градскиот живот. И да, една од неочекуваните последици од коронавирусот е недостигот од храна за глодачите. Со затворањето на рестораните и намалениот број луѓе што фрлаат парченца ќебапи на подот по долгата ноќ, стаорците се гладни, многу гладни. Затоа, тие одат во домовите во потрага по оброк. Во САД Центарот за контрола и спречување на болести предупреди на „невообичаено или агресивно“ однесување кај стаорците, а тие истото го прават и во Европа, вели Политико.

„Забележавме поголема активност околу кантите за ѓубре, бидејќи луѓето што се во карантин фрлаат многу повеќе ѓубре“, вели Пол Бејтс од британска фирма за заштита од штетници, кај која повиците за стаорци се зголемени за 20% во споредба со минатата година. Со секојдневното надополнување и без ограничување на потрошувачката, необезбедената корпа за отпадоци од зеленчук е шведска маса за стаорците.

Бејтс вели дека стаорците станале похрабри во обидите да влезат во нашите домови, се натпреваруваат со глувците, кои ни се почести цимери. Стаорците лазат по канализациските одводи и ги глодаат пластичните цевки. Тие можат да пливаат во тоалетните школки.

Јасно е дека единствениот разумен правец на дејствување ако едно од овие суштества влезе во вашиот дом е да се иселите, да го запалите местото до темел и потоа да ги откопате темелите, да ги затрупате со бетон и да ги фрлите во морето во близина на земја што не ви е многу симпатична, вели новинарот на Политико.

Стаорците можат да се размножуваат со зачудувачка стапка кога ќе поминат „посните“ времиња. Тие можат да забременат веднаш штом ќе се породат, а потоа да го родат следното легло додека сè уште го дојат првото. Младите стаорци почнуваат да се репродуцираат по два или три месеци. „Населението се намали во изминатите неколку месеци, но веднаш штом рестораните повторно ќе се отворат, мислам дека тие повторно ќе ги пронајдат своите стари живеалишта“, вели Белмејн. „Ќе се вратат во нормала веројатно многу пред нас“.

Значи ако стаорците се канибали, тогаш тие јадат други стаорци, а не луѓе. (Стив Белмејн од Институтот за природни ресурси во Кент, опишан од Гардијан како водечки академик за стаорци во Велика Британија, рече: „Мајките ќе ги изедат своите млади со надеж дека еден ден ќе можат повторно да родат.“) Значи, тоа е проблем што, на крајот, самиот ќе се реши.

Во исто време, научниците во Кина идентификуваа вирус на грип што го носат свињите, но може да ги зарази и луѓето.

Работниците на фармите за свињи покажаа покачени нивоа на вирусот во нивната крв, велат авторите на извештајот за вирусот, додавајќи дека тој станал заразен за луѓето и треба внимателно да се следи во случај да стане „пандемичен вирус“.

Но има и неколку (релативно) добри вести за животни. Неколку кафулиња во Париз користат огромни кадифени мечиња за да осигурат дека нивните клиенти ги почитуваат правилата за социјално растојание.

Мечињата дури имаат и своја група на Фејсбук. Тие се појавија и во Данска, каде што забавниот парк Тиволи гарденс користи огромни кадифени мечиња на своите ролеркостери за да се осигури дека има доволно растојание помеѓу луѓето што се возат.

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе

Време е да се слушнат мислењата на 30-те компании кои најдобро се справуваат со кризата.

повеќе

Мицкоски треба да побара собраниска расправа за односите со Бугарија или во перцепцијата на јавноста ќе биде изедначен со Заев. Лидерските средби не се институционална форма.

повеќе