Откако овој му се умилкуваше на Путин во Хелсинки

Вупи Голдберг бара Одделот за домашна безбедност да интервенира кај Трамп (ВИДЕО)

Пред понеделничкиот историски самит во Хелсинки американскиот претседател Доналд Трамп од петни жили се трудеше да му се умилкува на рускиот претседател Владимир Путин. Тој на Твитер напиша: „Нашите односи со Русија НИКОГАШ не биле полоши благодарение на многуте години американска глупавост“, а потоа и му намигна на рускиот претседател пред да почне средбата.

Кога двајцата светски лидери конечно излегоа од разговорот зад затворени врати, Трамп објави дека застанува на страната на Путин за тврдењата на американската разузнавачка заедница дека Русија се вмешала на претседателските избори во 2016 година.

„Претседателот Путин вели дека Русија не се мешала“, изјави Трамп пред новинарите во Финска. „Не гледам причина зошто би се мешала“.

Голем број републиканци почнаа да се прашуваат дали Трамп, кој вели дека неговата надворешна политика е „Прво Америка“, сè уште ги претставува интересите на САД или, наместо тоа, на еден од нејзините најголеми противници, Русија. Една од најотворените критики до американскиот претседател упати конзервативната политичка аналитичарка Ана Наваро, која во понеделникот се појави како гостин-панелист на емисијата „Поглед“ (The View).

„Знаете, тој со Владимир Путин се однесуваше како на оценување вработени“, рече Наваро во емисијата на Еј-би-си.

„Исто толку важен како и прашањето на Сирија, исто толку важен како и инвазијата на Украина, исто толку важен како и смртта на луѓето во Велика Британија со нервни агенси, е фактот што тој ги хакираше нашите избори, столбот на нашата демократија“, рече таа. „Тоа е чин на тероризам. Тоа е сајбер-тероризам против Соединетите Американски Држави“.

Вупи Голдберг, која ја води емисијата, се запраша дали „бромансата“ на Трамп со Путин се развила во повеќе од обична „вљубеност“, по што би била потребна интервенција од Одделот за домашна безбедност (Хоумленд секјурити).

„А ако ова беше некој друг, ако беше кој било друг, ќе се вклучеше Хоумленд секјурити“, рече таа.

Голдберг потоа истакна дека Трамп решил да се сретне со Путин само три дена откако специјалниот советник Роберт Малер обвини 12 Руси за хакирање и крадење информации од демократите за време на претседателските избори во 2016 година, додека Трамп беше на средба со кралицата Елизабета Втора во замокот Виндзор.

„Каде е Хоумленд секјурити?“, праша таа. „Јас се чувствувам исто толку загрозено како и земјата - нашата земја - Америка. Не ми се допаѓа ова. Не ми се допаѓа. Не ми се допаѓа тоа што тој го направи“.

Средбата на Путин и Трамп не беше единственото нешто што не ѝ се допаднало на Голдберг кај Трамп. Оскаровката ги наведе негативните наслови за Трамп за време на контроверзното патување во странство, во кое тој ја нарече Германија „заробеник“ на Русија, ја обележа Европската Унија како непријател, ја понижи британската премиерка Тереза Меј пред новинарите додека беше во Лондон и рече дека ова се само неколку од инцидентите.

„Не ми се допаѓа целото ова последно патување“, заклучи Голдберг.

Наваро, исто така, сугерираше дека патувањето на Трамп веројатно предизвикало повеќе штета отколку корист.

„Видете, целото патување се чинеше како катастрофа“, додаде Наваро. „Оди во Англија и ја понижува Тереза Меј. Ја остави кралицата да трчка околу него како куче“.

Но Наваро своите најостри коментари ги остави за крај.

„Републиканската партија за жал молчи и со тоа е соучесник во она што се случува“, рече таа на крај.

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе