четврток, 9 мај 2024
Избори 2024

Битиќи поднесе оставка од потпретседателското место во СДСМ

Потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи поднесе оставка од функцијата откако неговата партија денеска ги загуби парламентарните избори. Тој на својотфејсбук профил напиша дека во целата негова политичка кариера бара пре сѐ лична одговорност. Според него оставка треба да си поднесат и сите други членови на раководството на СДСМ како „неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех“.

Објавено на

часот

Сподели

Потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи во обраќањето кон граѓаните вели дека им е многу благодарен за поддршката, но и со чувство кое ги надминува резултатите од парламентарните избори.

„Вашиот глас за листата на пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, на која бев ко-носител во втората изборна единица, не е само бројка – тоа е израз на доверба и верување во нас, за што го изразувам своето големо почитување. Гласовите кои ги добивме претставуваат и огромна обврска. Обврска да продолжиме со нашата политичка мисија, обврска да го засилиме дијалогот и да ги слушаме потребите на нашите сограѓани. Но, дел од исполнувањето на оваа обврска бара и политичка одговорност, бара промена“, напиша Битиќи на фејсбук.

Сепак, вели тој, како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучил да поднесе оставка од функцијата потпретседател на партијата.

„Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех. Упатувам апел дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ. Прифаќањето на политичка одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промениме и да растеме – и ставаме приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции“, напиша Битиќи.
Тој смета дека СДСМ  треба повторно да се врати меѓу граѓаните, да го слушне нивниот пулс и да ги разбере нивните потреби, но и партијата да се врати на социјалдемократските вредности.
„Само на овој начин може да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергија кои може да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ па да се вратиме со крената глава во политичката арена за да ја добиеме битката за европска Македонија – ветување кое го дадовме на граѓаните и кое им должиме да го исполниме. Нека е ова новиот почеток кој ќе ги обедини сите искрени другари и другарки во идејата за социјалдемократија, во идејата за соживот, во идејата за едно општество за сите каде владее правичноста, солидарноста и еднаквоста. За силен и единствен СДСМ“, напиша Битиќи на својот фејсбук профил.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ