„Во лице ќе им кажам сѐ што имам“

Вучиќ во ТВ-интервју: Србите на Косово ќе бидат заштитени

„Србија, во случај да е потребно, ќе ги заштити косовските Срби, ќе го заштитиме нашиот народ од погром – тоа е одлука што ја донесовме и за која ги известивме сите што треба, и затоа сега сум мирен", изјави во саботата во интервју за ТВ Прва српскиот претседател Александар Вучиќ и најави дека ќе учествува на седницата на Советот за безбедност на ОН, која Србија ја побара поради формирањето војска на Косово, за на сите учесници „во лице" да им ја каже вистината.

Србите ќе бидат заштитени, но не кажa како

Избегнувајќи директен и детален одговор за тоа што тоа би значело и дали Србија би реагирала испраќајќи ги своите сили на Косово, Вучиќ нагласи дека добро размислил пред тоа да го каже. Не сака, рече тој, да зборува за тоа на кој начин Србите на Косово ќе бидат заштитени ниту за техничките детали, но „суштината е дека тие ќе бидат заштитени“. Тој потсети на неговата порака при обележувањето на годишнината од акцијата „Олуја“, кога рече дека Србија веќе никогаш на никого нема да му дозволи погром над својот народ, ниту пак ќе дозволи „нови Олуи“.

Вучиќ негираше дека Србија, според Резолуцијата на ОН 1244, има право воено да влезе во Косово, нагласувајќи дека такво нешто е можно само со дозвола на КФОР, односно на НАТО.

Вучиќ истакна дека води политика за која смета дека е најдобра и за која доби поддршка на изборите. Претседателот на Србија најави дека ќе учествува на седницата на Советот за безбедност на ОН, без оглед дали ќе биде отворена за јавноста, бидејќи сака да ја „каже вистината“.

„Ќе ја кажам вистината и колку труд вложивме да дојдеме до компромис, а спротивната страна тоа не го сака“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека тоа ќе им го „каже во лице“ и на оние кои „учествуваа во тоа да не се дојде до компромис“.

„Не е фасциниран“ од косовската резолуција

Вучиќ истакна дека за Србија тежок компромис бил и Бриселскиот договор за нормализирање на односите со Приштина, постигнат под покровителство на ЕУ во април 2013 година. Белград ги исполни сите свои обврски, но Приштина не формираше Заедница на српски општини во Косово.

Српскиот претседател најави дека после седниците на Советот за безбедност директно ќе патува во Брисел, каде на повик од Федерика Могерини ќе се соберат неколку политички водачи.

„Повик добија (Еди) Рама, (Салих) Звиздич, (Зоран) Заев, (Мило) Ѓукановиќ, (Хашим) Тачи и јас“, рече Вучиќ, оценувајќи дека тој состав е „чудна комбинација три на три“ со оглед дека се поканети тројца премиери и тројца претседатели.

Вучиќ претпоставува дека Могерини „сака да најде некој начин да ги поврзе Белград и Приштина“, а се очекува главна тема да биде „сеопфатна регионална соработка“ и ЦЕФТА-договорот, односно драстичните царинск давачки на Приштина за производи од Србија и Босна и Херцеговина.

„Ќе отидам, тоа е моја работа. Кога не би отишол - ќе ја обвинат Србија дека е фактор на нарушување на регионалните односи“, рече српскиот претседател.

Tој нагласи дека „не е фасциниран“ со резолуцијата усвоена од страна на Собранието на Косово за нормализирање на односите и оцени дека со тој документ Приштина „во суштина сака да ја затвори вратата“ на секаков дијалог со Белград.

Со резолуцијата на косовското собрание, по проценка на Вучиќ, се предвидува секој договор да води кон Република Косово, да се утврди непроменливост на границите на Република Косово и дека мора да биде задржана целосноста на територијата по унитарен принцип, значи не можат некои делови да бидат дел од некоја Федерација.

„Со ова тие велат - ние сакаме сè и тоа по секоја цена и подготвени сме кобожем за дијалог“, оцени Вучиќ.

Тој рече дека Белград досега успешно ги избегнувал сите стапици, вклучувајќи го и зголемувањето на царинските давачки, чија цел, според него, била Србија да се испровоцира за „некои други мерки“ за да би се влегло во некој друг вид на конфликт.

„Сакам решение со цело мое срце и сила“

Нагласувајќи дека сака решение за Косово, Вучиќ истакна дека едно од решенијата кое го понудил - српско-албанска демаркација, но дека за тоа не се зборува со Албанците, бидејќи нема согласност ни на едната страна.

Вучиќ оцени дека компромис тешко ќе биде постигнат, особено по резолуцијата усвоена од страна на Косовското собрание.

„Сакам решение со сето свое срце и сила, но го немаме, не сме ни блиску, не разговараме, никаде не сме“, рече Вучиќ. Додавајќи дека „живее за тоа да се направи регионална економска заедница со сите“, но дека за тоа нема подготвеност и поддршка во регионот.

На проценка на меѓународната организација Репортери без граници дека ситуацијата со медиумите во Србија е најлоша од сите земји на Западен Балкан, Вучиќ ги повика сите учесници во јавниот простор да избегнуваат говор на омраза.

„Мене нека ме мразат, но нека не го прават тоа против другите“, рече Вучиќ во интервју за ТВ Прва.

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе