„Веќе осум години слушам дека јас сум тој што ќе го предаде Косово, а јас се трудам секој ден да се борам за нашиот народ на Косово. Додека некои на тастатура пишуваат колку сум грд, дебел и одвратен, јас работев и вчера и преквчера цел ден. И не бев со своите деца, како што беа многу други. И така безброј викенди и одмори“, кажа Вучиќ на прес-конференција на прашањето да ја искоментира изјавата на академикот на Српската академија на науки и уметности (САНУ) Матија Беќковиќ на погребот на митрополитот Амфилохије дека „Косово ќе го предаде само кукавица“.
Тој истакна дека не е случајно тоа што Србите на Косово секогаш речиси едногласно давале поддршка на рационалната и одговорна политика, а „не на хушкачи“.
„Сите се почитувачи на косовскиот завет во опкружувањето, и љубители на големите и значајни Срби, а не можат ништо да направат против независноста на Косово (да ја повлечат независноста), но ние и тоа ќе му го припишеме на велепредавникот Вучиќ. И уште ќе му солиме памет дека е предавник...“, кажа српскиот претседател.
Зборувајќи за односите во регионот, Вучиќ кажа дека ги замолил членовите на новата српската влада во однос на критиките од соседните земји „повеќе да трпат и помалку да одговараат“.
„Ги замолив да не влегуваме во политички кавги, да ги пуштиме да зборуваат лошо за нас, а дека ние не мора на прва топка да одговараме. Тоа не значи дека од некого се плашиме, туку дека сакаме добри и подобри односи со сите и само во економијата и стапката на раст на БДП сакаме да се натпреваруваме со сите“, кажа Вучиќ.