Косовските власти најавија за 21 ноември почеток на издавање на парични казни за сопствениците на возила со таблички издадени од Србија кои одбиваат да ги пререгистрираат на таблички на Косово (РКС), и покрај барањата на Соединетите Американски Држави и Европската Унија одлуката за пререгистрирање да се одложи на 10 месеци. Косовската полиција денес објави дека одлуката се одложува на 1 ден.
Вучиќ оцени дека не станува збор само за регистарските таблички, кажувајќи дека од утрешната средба не очекува пресврт бидејќи ако Курти сакал да ја одложи одлуката за табличките, ќе го направел тоа порано.
„Не сум оптимист, но ќе отидам во Брисел, не затоа што мислам дека нешто ќе постигнеме, туку да не им дадам причина да ја обвинат Србија за нешто што не го направила“, кажа Вучиќ.
Тој не гледа решение „додека не се исполнат српските барања“ од дијалогот во Брисел.
„Ние само бараме да се спроведе она што беше потпишано пред 10 години и за што гарантира Европската Унија“, истакна Вучиќ.
Кажа дека Приштина всушност спроведува „оперативна акција на протерување на Србите“ на три начини – првиот преку намерата за легализирање на косовската војска, вториот со одземање на загарантираните 10 мандати на Србите во косовскиот парламент, а третиот, под изговор за декриминализација на косовскиот север, во четирите српски општини да се стационираат воени и специјални единици на Приштина.