Тој додаде дека е малку веројатно дека Белград воопшто ќе го признае Косово, иако вели дека од САД слушнал дека ЕУ го променила ставот и дека од Белград би можела да бара признавање.
На прашањето дали Србија некогаш ќе го признае Косово како рамноправна членка на меѓународната заедница, Вучиќ одговори дека за Србите тоа е тешко прашање.
„Сакаме да видиме и што тие (приштинските преговарачи) велат и зошто. Нормално дека сакаме да слушнеме и што има ЕУ да каже. Досега ЕУ не ѝ поставуваше никакви предуслови на Србија. Ние, меѓутоа, од Американците слушнавме дека тоа можеби се променило, но сакаме да го слушнеме тоа од нашите европски партнери. Не можам да исклучам дека ЕУ ќе бара признавање, но тоа досега не го направи“, објасни тој.
Вучиќ кажа дека идејата на ЕУ беше моделот на договорот на двете Германии, без формално признавање од страна на Белград, што, нормално, како што констатираше, би било поедноставно за Србија.
На прашањето дали, ако дојде до признавање на Косово од страна на Белград, тоа би можело да се случи во постоечките граници, Вучиќ кажа: „Можам да ви кажам дека тоа апсолутно го исклучувам“.
„Не е многу веројатно дека ќе го признаеме Косово. Не мислам дека тоа ќе се случи, но не можеме да ја затвориме вратата на дијалогот. Двете страни мора да изгубат, за двете страни да може да добијат.
Не може едната страна да добие сѐ – признавање, нашата територија и нашите луѓе.
Што би добиле ние? Можно членство во ЕУ за десет години? И кој би ни го гарантирал тоа? Дали тоа би била гаранција каква што доби Северна Македонија, на која ѝ беше ветено отворање на пристапните преговори?“, праша Вучиќ.
Тој истакна дека за продолжување на дијалогот постои само еден услов.
„Приштина мора да ги укине царините и тогаш би требало за сите нешта, без предуслови, да разговараме. Меѓутоа ако уште пред можниот дијалог велат „не разговараме за територии, не разговараме за автономија за северот, за што тогаш треба да разговараме? Под тие услови нема преговори“, порача српскиот претседател.