Поддршката од гласачите за Бајден е многу мала

Враќањето на Трамп станува сѐ пореално

Откако Доналд Трамп успеа да ја разобличи својата критичарка Лиз Чејни, неговото враќање во политиката е сѐ пореално. Поддршката од гласачите за актуелниот претседател Џозеф Бајден е на многу ниско ниво, пишува Себастијан Хесе за германска АРД.

Фото: ЕПА

Сега, по бруталниот изборен пораз на Лиз Чејни, можеби треба да се навикнеме на мислата: Доналд Трамп, одмаздољубивиот поранешен претседател на САД, можеби е пред враќање на политичката сцена. Систематското казнување на неговиот најпознат критичар од редовите на републиканците покажува дека се изгубени сите оние во таа партија што не го поддржуваат Трамп.

Трамповите „чистки“ во партијата даваат резултати. Сите што не му се потчинуваат безусловно, не смеат во иднина да се нарекуваат републиканци. Ваквиот развој на настаните всушност е неверојатен: по упадот на Капитол, дури и најблиските луѓе на Трамп беа убедени дека тој е политички мртов. И се измамија.

Откритијата на Истражната комисија навистина шокираа многу Американци – одбивањето на Трамп да ѝ се спротивстави на лутата толпа, неговите систематски обиди да манипулира со изборниот резултат во своја корист.

Но најдоцна по претресот на неговата куќа во Мар-а-Лаго, републиканците научија како да му парираат на сето тоа: секој напад на Трамп го претвораат во мит за корумпиран естаблишмент што сака да го уништи поранешниот претседател со сите средства, па и со недозволените. Тоа е естаблишментот, велат тие - естаблишментот против кој Трамп ја најави својата борба. Таквата стратегија функционира во неговата избирачка база: на тие луѓе во главите веќе успешно им е ставена „бубачката“ дека секој напад врз Трамп е напад врз самите нив.

Бајденовата слаба страна е силната страна на Трамп

Прашањето е, сепак, зошто пошироката јавност го толерира овој досега невиден развој, без преседан во историјата? Клучот за негово разбирање е катастрофалниот рејтинг на Џо Бајден. Слабоста на Бајден е силата на Трамп.

„Дали ви е подобро денес отколку пред четири години?“ - вака Роналд Реган го формулираше тоа едноставно прашање во 1980 година, кое во меѓувреме во САД стана пресудно за одлучување дали да се добијат (или да се загубат) изборите.

Инфлација, рецесија, експлозија на цени, миграција и - чувство на пониженост по хаотичното повлекување на американските војници од Авганистан. Сето ова ги загрижува Американците. Силно ги притиска. Во овој момент повеќето веројатно би одговориле на прашањето на Реган со: „Не! Животот беше побезгрижен под Трамп“.

Во исто време, политичките противници на Бајден се свесни дека единството е единствениот начин за победа на изборите. Партиите што првенствено се занимаваат со самите себе не се атрактивни. Конечно, внатрешните борби меѓу демократите, исто така, придонесуваат за слабоста на Бајден. Сложно против Бајден - ова може да успее само со Трамп, благодарение на новите групи гласачи што тој успеа да ги придобие кај републиканците. Затоа нема простор за „попречувачи“, затоа Чејни мораше да си замине.

По нејзиното политичко уништување, се чини дека единственото нешто што може да го спречи Трамп е судството. По бранот бес поради претресот на неговата куќа, може да се претпостави што би можело да се случи доколку против него биде покрената пријава. По два неуспешни обиди за импичмент, министерот за правда Мерик Гарланд знае до што може да доведе новиот процес против Трамп: во екстремен случај, до работ на граѓанска војна.

Судството прво ќе биде воздржано

За да се зачува социјалниот мир, судството најверојатно ќе биде воздржано додека доказите не бидат целосно јасни и недвосмислени. И додека истрагата продолжува, Трамп отстранува една по една пречка од својот пат до Белата куќа. Со отстранувањето на Лиз Чејни тој направи голем чекор напред.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе