АП

Во тужбите на Трамп нема докази за извршени измами во изборниот процес

Големиот број тужби и истраги предводени од изборниот тим на претседателот Доналд Трамп и сојузниците не се ни блиску до докажување грешки во повеќе држави, што би го довело во прашање неговиот пораз од новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Фото: ЕПА

Тимот на претседателот поднесе најмалку 17 тужби во различни државни и федерални судови. Повеќето се состојат од слични тврдења за кои нема докази дека влијаеле на ниту еден глас, вклучувајќи ги и наводите дека Трамповите набљудувачи на изборите не го добиле пристапот што барале или дека има измама со гласачките ливчиња по пошта, вели АП.

Во Аризона тимот на Трамп бара рачен преглед на потенцијално илјадници директни гласачки ливчиња од денот на изборите во метрополијата Феникс и бара од судот да забрани официјализирање на изборните резултати сè додека не заврши таквиот рачен преглед.

Судијата ќе ги слушне аргументите на случајот в четврток.

Во Џорџија двајцата републикански сенатори побараа оставка од републиканскиот државен секретар поради, како што велат, „премногу неуспеси на изборите во Џорџија годинава“. Но во нивното соопштение нема какви се тие неуспеси, освен „лошо управување и недостиг од транспарентност“.

Државниот секретар Бред Рафенспергер ги отфрли барањата и негираше дека имало масовни проблеми. Во средата тој соопшти дека кон крајот на неделава ќе почне ревизија на резултатите од претседателските избори, што ќе предизвика целосно рачно пребројување, за кое очекува да трае до 20 ноември.

Најновата тужба од кампањата на Трамп во Мичиген, објавена во вторникот вечерта, тврди дека „биле броени незаконски и неподобни гласачки ливчиња“, но не дава никаков доказ.

Нема докази дека некој погрешно ги сметал гласовите од политички мотиви, вели АП.

За последниов случај нема закажано рочиште. Други две тужби беа одбиени, а еден случај е во тек.

Два члена на кампањата на Трамп во неделата застанаа пред толпата гласни демонстранти и, без докази, тврдеа дека има илјадници потенцијално лажни гласови, вклучително и гласови дадени во име на мртви луѓе и од луѓе што веќе не се жители на Невада.

Агенцијата за изборна безбедност при Одделот за домашна безбедност вели дека државите имаат силни заштитни мерки за откривање незаконско гласање под имињата на починати, вклучително и записи за совпаѓање на потписи и евиденција за смртта. Гласините дека на изборите гласале луѓе на возраст од 120 години и постари „се всушност немарни бирократски грешки или резултат на плански податочни практики“, како кога некој ќе запише „1/1/1900“ во базата на податоци како ставка за нешто.

Во тек се процеси за овие тужби.

Лојалистите на Трамп поднесоа најмалку 15 тужби само во Пенсилванија, некои дури и пред денот на изборите, без никакви докази за измама.

Судски рочишта се закажани за барем еден предмет во постапка, додека течат роковите за поднесување други. Трамп извојува една победа: еден државен суд донесе одлука дека на набљудувачите на неговата кампања морало да биде даден поблизок пристап до местата каде што се броеле гласовите.

Во Висконсин државните републиканци не даваат докази дека некој од проблемите влијаел на целокупниот исход на изборите.

Наместо тоа, вели АП, се сее сомнеж во изборните резултати меѓу приврзаниците на Трамп пред можното пребројување на гласовите. А еден републиканец ја спомена слабата можност за целосно отфрлање на резултатите.

Тие како проблеми ги наведуваат службениците што ги пополнувале адресите на пликоата со гласачките ливчиња за отсутни лица и грешка во пребројувањето на гласовите во една област, која била брзо поправена.

Се врши истрага за резултатите од изборите, а републиканецот Џо Санфелипо, назначен во комитетот што ја надгледува истрагата, рече: „Ако истрагата покаже дека овие дејства влијаеле на резултатот на изборите, ние треба да ги прогласиме овие избори за ништовни и да одржиме нови избори или да побараме нашите делегати во Електорскиот колеџ со своите гласови да ја поправат неправдата“.

Се очекува Трамп што е можно поскоро да побара пребројување на гласовите, најверојатно на 18 ноември според државните правила.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе