Во тек е гласањето на електорите во САД, Хилари Клинтон: Овој систем треба да се укине

Со гласовите на електорите на сојузните држави треба да се потврди победата на новоизбраниот демократски претседател Џо Бајден, што денеска треба да го сторат сите 50 држави и да ги прекинат обидите на републиканецот Доналд Трамп да ги оспори резултатите од изборите на 3 ноември.

Фото: ЕПА

Вермонт, малата американска држава на североистокот од земјата, беше првата денеска чии електори гласаа во формалната процедура со која Електорскиот колегиум ги потврдува резултатите од претседателските избори во САД, на кои победи поранешниот американски потпретседател Бајден.

За Бајден веќе гласаа електорите на државите Џорџија (16), Невада (6), Колорадо (9), Конектикат (7), Делавер (3), Дистриктот Колумбија (3), Илиноис (20), Мејн (3), Мериленд (10), Мичиген 16), Минесота (10), Њу Хемпшир (4), Њу Мексико (5), Роуд Ајленд (4), Вермонт (3), Вирџинија (13), Аризона (11), Пенсилванија (20), Висконсин (10) и Њујорк (29). Токму во државата Њујорк беа дадени два електорски гласа од поранешниот претседател Бил Клинтон и поранешната државна секретарка и негова сопруга Хилари Клинтон затоа што тие се меѓу 29-те електори со кои располага Њујорк.

Во салата се разнесе аплауз кога беше објавено дека сите 29 електори гласале за Бајден и за сенаторката Камала Харис за потпретседател, пренесува Њујорк тајмс.

И гувернерот на Њујорк, Ендру М. Куомо, демократ, исто така беше еден од електорите и претседаваше со Електорскиот колегиум.

По гласањето, Хилари Клинтон на Твитер објави дека смета дека „Електорскиот колегиум треба да биде укинат и победникот да биде избиран за претседател според бројот на собраните гласови од избирачите“.

На претседателските избори во 2016 година републиканецот Трамп ја победи Клинтонка врз основа на електорските гласови иако таа имаше повеќе гласови од народот.

„Но сè додека постои (тој систем), јас сум горда што својот глас во Њујорк им го дадов на Џо Бајден и Камала Харис“, напиша Клинтон.

Бајден засега има добиено 202 електорски гласа, а Трамп 177.

За Трамп досега гласаа електорите на Алабама (9), Арканзас (6), Флорида (29), Ајдахо (4), Индијана (11), Ајова (6), Канзас (6), Кентаки (8), Луизијана (8), Мисисипи (6), Северна Каролина (15), Северна Дакота (3), Охајо (18), Оклахома (7), Јужна Каролина (9), Јужна Дакота (3), Тенеси (11), Јута (6), Западна Вирџинија (5) и Вајоминг (3).

Останува да се почекаат уште електорските гласови од Масачусетс (11), Мисури (10), Њу Џерси (14), Тексас (38), Вашингтон (12), Небраска (5), Монтана (3), Орегон (7), Калифорнија (55) и Хаваите.

 

Што се електорите?

Електорите се партиски лојалисти избирани од републиканците и од демократите два месеци пред изборите и тие всушност ги потврдуваат гласовите на избирачите во сојузните држави.

Во државата Пенсилванија, која исто така ја потврди победата на Џо Бајден со своите 20 електорски гласа, демократската лидерка Ненси Патон Милс рече: „Ова е голем ден за демократијата“.

Во текот на денов слични настани се случуваат во сите 50 американски држави и Вашингтон, каде што електорите традиционално гласаат во согласност со одлуката на мнозинството во својата држава.

Трамп и неговите сојузници поднесоа тужби во обид да го променат изборниот резултат, тврдејќи дека изборите биле нефер и биле обележани со нерегуларности, но државните и федералните судови ги отфрлија овие тужби. Електорите по закон не се обврзани да гласаат како што гласале повеќето избирачи во нивната држава, но бројот на таквите „бунтовници“ е мал, а некои држави сега воведоа и казни за таквите луѓе.

Досега, бројот на овие одметнати електори никогаш не влијаел на исходот на претседателските избори.

Според резултатите од изборите, Бајден ги има освоено гласовите на 306 електори, а Трамп на 232. Се очекува откако ќе заврши гласањето на Електорскиот колегиум, новоизбраниот претседател Бајден да ѝ се обрати на јавноста со говор за отпорноста на американската демократија.

Гласовите дадени денеска ќе бидат испратени до Конгресот за официјално пребројување на 6 јануари, последната фаза од изборниот процес во САД, кога сегашниот американски потпретседател Мајк Пенс треба да објави дека Џо Бајден е новиот претседател.

Трамп кон крајот на минатиот месец рече дека ќе ја напушти Белата куќа доколку Електорскиот колегиум гласа за Бајден, но оттогаш продолжи со невидена кампања за да го спречи својот пораз.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе