„Утре ќе добиеме уште 40.000 вакцини Спутник V, а во понеделник дополнителни 9.360 дози на Фајзер“, најави премиерката Ана Брнабиќ во четвртокот, одговарајќи на пратенички прашања во српскиот парламент.
Имавме состанок со луѓе од Ковакс, очекуваме нешто вакцини од таа програма во февруари и се бориме за уште некои вакцини, додаде Брнабиќ, откако минатата недела највисоките државни службеници изјавија дека Србија не примила ниту една доза вакцина од програмата Ковакс.
Брнабиќ изјави дека денес, според бројот на вакцинирани граѓани на 100.000 жители, Србија е втора во Европа по Велика Британија, и седма во светот веднаш зад Соединетите Држави.
Во изминатите 24 часа, 21 лице починало во Србија од последици на инфекција со ковид-19, а меѓу 10.637 тестирани примероци, регистрирани се нови 1.592 нови инфекции, објави во четвртокот српското Министерство за здравство.
На болничко лекување има 4.206 пациенти, а 162 од нив се на респиратори.
Од почетокот на епидемијата на 6 март 2020 година, тестирани се 2.588.844 примероци, регистрирани се 390.637 заразени, а официјално се пријавени 3.965 смртни случаи од последици на инфекција, со стапка на смртност од 1,01 процент.