Загрозена кампањата за вакцинација

Во Србија пораст на новозаболените, сè повеќе млади се во болниците

Лекарите во Србија, во очекување на најавените построги мерки со кои ќе се запре ненадејниот скок на инфекции, предупредуваат дека зголемувањето на бројот на нови случаи го загрозува не само здравствениот систем, туку и досегашната успешна кампања за вакцинација.

Фото: ЕПА

Координаторот на привремената ковид-болница во белградска Арена, др. Владо Батножиќ денес посочи дека се повеќе млади луѓе доаѓаат на лекување, вклучително и цели семејства и дека од ден на ден е поголем бројот на примени пациенти отколку отпуштени.

„Претходно имавме 20 до 30 пациенти, а сега дневно имаме и до 100. Додека порано позитивни беа 10 до 20 проценти од пациентите, сега се до 50 проценти од тестираните. Тоа е значителна промена и скок. Нешто страшно се случува“, изјави Батножиќ за Радио-телевизија Србија.

Според последниот дневен епидемиолошки извештај од средата, коронавирусот е потврден кај 4.056 лица меѓу 16.175 тестирани примероци, а други 16 пациенти починале како резултат на инфекцијата.

На болничко лекување се 4.072 пациенти, од кои 161 се на респиратор.

Член на Кризниот штаб, инфектолог д-р. Мијомир Пелемиш, предупреди дека доколку строго и доследно не се почитуваат и спроведуваат епидемиолошките мерки, ќе биде загрозена и кампањата за вакцинација, во која досега биле искористени 1.535.274 дози на вакцини, додека со две дози биле вакцинирани повеќе од 534.000 лица.

Според бројот на вакцинации на милион жители, Србија е втора во Европа, по Велика Британија, седма во светот зад Израел, Сејшели, Обединети Арапски Емирати, Велика Британија, САД и Малдиви и прва во регионот пред Унгарија, Словенија, Романија и Хрватска.

„Луѓето ќе се разболат, и кога се во акутна фаза на болеста, тогаш не можат да примат вакцина“, истакна Пелемиш.

Професорката на Медицинскиот факултет во Белград, вирусолог и член на Кризниот штаб др. Тања Јовановиќ посочи на тоа дека е потребен најмалку еден месец од заздравувањето до приемот на вакцина. Таа посочи дека „сè поголемиот број заболени во Србија го нарушува и одложува процесот на масовна вакцинација“, бидејќи се намалува бројот на луѓе кои можат да се вакцинираат.

Дополнителен проблем е исцрпеноста на медицинскиот персонал, предупреди епидемиологот др. Предраг Кон истакнувајќи дека „истите луѓе кои биле во црвената зона сега работат на вакцинирање“.

„Немате други луѓе, а не можете и едното и другото. Во исто време, исцрпеноста е над сите граници, тоа не може повеќе да се толерира“, рече тој за РТС. Кон, кој се залага за целосно затворање на минимум седум дена, со проценка дека „на сите им е јасно дека треба да биде и повеќе“.

Во меѓувреме, идејата за повторно воведување на вонредна состојба и полициски час е напуштена, но останува полемиката околу тоа дали и во која мерка значително поостри мерки можат да ја загрозат економијата и да го намалат приливот на пари во државниот буџет.

„Не можеме да се согласиме со воведување на нулта толеранција за живот, а тоа би се случило доколку се прифати предлогот за воведување полициски час“, рече заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, повикувајќи на строга контрола врз спроведувањето на тековните мерки и ограничување на присуството на луѓе во затворен простор, особено во угостителски објекти.

Во петок ќе се одржи седница на Кризниот штаб на која ќе се анализира моменталната епидемиолошка состојба.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе