Во Минхен започна голема конференција на светските лидери. Русија не учествува

Безбедносната конференција во Минхен започна со присуство на голем број западни лидери во сенка на зголемените тензии во источна Украина. „Ова е најважната конференција во моите 14 години на нејзино чело", рече првиот човек на конференцијата Волфганг Ишингер за овогодинешното издание на конференцијата, која се одржува во баварската престолнина од 1963 година.

Фото: ЕПА

„Канцеларот Олаф Шолц пред неколку дена во Москва рече дека наша должност е да работиме на спречувањето голема војна. Но, добро, да почнеме да работиме на тоа“, рече Германецот на отворањето на форумот, во време кога Киев и проруските сепаратисти меѓусебно се обвинуваат за ескалацијата на тензиите по артилериските и минофрлачки напади во источна Украина.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека светските геополитички поделби продолжуваат да растат, што го „парализира“ Советот за безбедност и им дозволува на различни актери да дејствуваат неказнето. Тој рече дека е загрижен поради можноста за воен конфликт во Европа, во време кога руската армија се натрупува на украинската граница.

„Сè уште мислам дека тоа нема да се случи, но ако се случи, ќе биде катастрофа“, рече Португалецот, додавајќи дека „време е за сериозна деескалација“ и дека нема „алтернатива за дипломатијата“.

Голем број светски лидери пристигнаа во Минхен, на собирот кој често се нарекува „Давос за одбрана“ - вклучително и американската потпретседателка Камала Харис, државниот секретар Антони Блинкен, шефот на НАТО Јенс Столтенберг, украинскиот претседател Володимир Зеленски и германскиот канцелар Олаф Шолц и министерката за надворешни работи Аналена Баербок.

На панелите ќе бидат вклучени и Бил Гејтс, демократската лидерка на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси, шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус и лидерката на белоруската опозиција Светлана Тихановскаја.

За прв пат по неколку години претставник на Русија не допатува во Минхен, што е показател за влошување на односите меѓу Западот и Москва. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров присуствуваше на собирот дури и во екот на украинската револуција, воочи руската анексија на Крим во 2014 година.

Портпаролката на руското министерство Марија Захарова рече дека форумот станал премногу прозападен, „губејќи ја својата инклузивност и објективност“, пренесе Ројтерс. Шефицата на германската дипломатија смета дека Русија „ја пропуштила шансата со тоа што не го искористила тој собир“.

„Би било многу важно да се сретнеме со руските претставници во Минхен, особено во сегашната, исклучително опасна ситуација“, рече Баербок. Во пресрет на средбата, руските медиуми потсетија на обраќањето на Владимир Путин од 2007 година, во кое тој силно ги критикуваше САД, обвинувајќи ги за создавање унилатерален свет и поткопување на глобалната стабилност под превезот на демократијата.

„Проширувањето на НАТО нема никаква врска со модернизацијата на Алијансата или безбедноста на Европа. Напротив, тоа е сериозна провокација што ја поткопува меѓусебната доверба“, ја цитира руската новинска агенција ТАСС изјавата на Путин во Баварија.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе