Во Израел се одржуваат четврти избори за помалку од две години

Гласачките места за четвртите избори во помалку од две години се отворени во Израел, а премиерот Бенјамин Нетанјаху очекува дека конечно ќе може да формира мнозинска влада благодарение на најбрзата кампања за вакцинирање против ковид-19 во светот.

EPA-EFE

Околу 6,5 милиони Израелци се повикани на гласачките места на изборите на кои се соочуваат Нетанјаху и неговиот главен соперник Јаир Лапид.

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека трката е многу тесна.

Неговиот поранешен коалициски партнер Лапид, од партијата Јеш атид, стана главниот ривал на Нетанјаху, а поранешниот истакнат член на Ликуд на Нетанјаху, Гидеон Сар, формираше сопствена партија за да му се спротивстави на премиерот и може да му земе дел од гласачите.

Кога Израелците пред една година последен пат излегоа да гласаат, ни десниот Нетанјаху и неговиот тогаш главен центристички противник Бени Ганц не добија доволно поддршка за да формираат мнозинство од 61 пратеник.

Неколку недели по тие избори Израел влезе во првиот од трите карантини поради пандемијата.

Нетанјаху и Ганц поради тоа формираа влада на национално единство, истакнувајќи дека незапаметените здравствени и економски закани од пандемијата бараат политичка стабилност.

Нивната коалиција, која требаше да трае три години, се распадна во декември кога Нетанјаху одби да го одобри буџетот за 2021 година.

Ганц може да биде казнет од поддржувачите поради влегувањето во владата на Нетанјаху, и неговата поделена партија Сино и бело може да не добие доволно гласови за влез во парламентот.

Обвинет за корупција која ја негира, 71-годишниот Нетанјаху е израелскиот премиер со најдолг стаж. Од 2009 ја води политички поларизираната нација.

Гласачките места беа отворени во 5 часот по локално време, а ќе бидат затворени во 22 часот (20:00 по средноевропско време), кога излезните анкети би можеле да ја одредат насоката на гласањето, ако не и јасниот победник.

Нетанјаху се надева дека овој пат ќе се провлече благодарение на брзото вакцинирање против коронавирусот. Покрај тоа, склучи и историски договори за нормализација на односите со четири арапски држави.

Тврди дека договорите со Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан означуваат нова ера за Блискиот Исток и ги замолчуваат оние кои инсистираа на тоа дека израелските врски со Арапите нема да се подобрат додека не се реши палестинското прашање.

Но, и покрај неговите очигледни успеси, анкетите покажуваат дека изборите повторно ќе бидат нерешени и дека премиерот нема лесно да формира влада.

Израел има околу девет милиони жители, а двете препорачани дози на вакцината на Бајонтек/Фајзер против коронавирусот добиле речиси четири милиони.

Меѓутоа, некои гласачи го сметаат Нетанјаху одговорен за долгите, економски тешки карантини.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе