Според министерот за надворешни работи

Во италијанската „црвена зона“ нема нови заразени, карантинот дава ефект

Две недели откако првите 10 града во северна Италија беа прогласени за „црвена зона“ и ставени во карантин, нема нови заразени, рече италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо за Би-би-си. Тој вели дека карантинот дава ефект.

Ова потоа послужило како модел за заострување на мерките низ целата земја.

Во Италија сега се забележани вкупно 1.016 смртни случаи, како и вкупно 15.111 заразени. Службениците на цивилната заштита велат дека 1.258 оздравеле, иако бројот на заразените во цела Италија е зголемен за 2.651 од средата. Италија е најтешко погодена земја во светот по Кина.

„Италија беше првата нација во Европа што е погодена толку лошо“, рече Ди Мајо. „Но се надевам дека исто така значи дека Италија ќе биде првата што ќе ја надмине вонредната состојба“.

Движењето е ограничено на итни здравствени или професионални потреби. Сите продавници сега се затворени, освен аптеките и продавниците за храна. На компаниите им е наредено да ги затворат одделите што не се неопходни; широк спектар на места - од театри до училишта и фризерници до музеи - се затворени.

„Нашите дедовци биле повикувани да одат во војна; од нас се бара да останеме дома“, рече Ди Мајо.

„Ако лекарите и медицинските сестри можат да работат 24 часа нонстоп, и ние можеме да се откажеме од напуштање на сопствениот дом. Огромното мнозинство граѓани ги почитуваат правилата. Оние што нема да ги почитуваат, ќе се соочат со санкции: или парични казни или кривични пријави.“

Италијанските власти соопштија дека може да бидат потребни и две недели за да се види влијанието на забраните врз епидемијата на национално ниво, која сè уште се шири во градовите надвор од почетната црвена зона.

Здравствениот систем во Италија - еден од најдобрите во Европа, е исклучително оптоварен.

Бидејќи епидемијата во Кина почнува да попушта, кинеската влада испраќа тимови на лекари специјалисти и материјали во Италија.

„Ни требаат апарати за кислород и го почнавме производството со фабриките што ги произведуваат или со други што можат да се приспособат за да почнат да ги произведуваат“, рече Ди Мајо. „Во контакт сме со земјите низ целиот свет, многу од нив се подготвени да ни дадат опрема“.

Но, рече тој, набавката на медицински материјали треба да биде организирана на паневропско ниво, а една единица да ги снабдува болниците и клиниките.

Земјите низ целиот свет ги откажуваат летовите кон Италија или им забранија влез на Италијанците или на некој што патува од Италија. Австрија и Словенија поставуваат ограничувања на своите граници со Италија.

Италијанските државјани што живеат во други земји, исто така, јавуваат за непријателско однесување кај поединци кон нив, што министерот за надворешни работи го осуди како „неприфатлива дискриминација“, предизвикувајќи „интервенции“ од неговата влада.

Италија сега се соочува со најголемата криза од Втората светска војна. Владата вети дека ќе потроши 25 милијарди евра за да се справи со неа - три пати повеќе отколку што пред само една недела процени дека ќе биде потребно. Сега се очекува економијата да падне во длабока рецесија.

Но министерот за надворешни работи има тон на оптимизам, со порака до меѓународната заедница дека „Италија и Европа ќе ја победат епидемијата - сигурен сум“.

И тој понуди да го сподели искуството и знаењето што италијанската влада ги доби откако почна епидемијата со која било земја што ќе побара.

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе