Помали протести беа одржани во Либија, Турција и Индија, пренесува Асошиејтед прес и оценува дека собирите продолжуваат и покрај интервјуто на Макрон за Ал џезира во кое наведе дека има разбирање за муслиманскиот свет, но истовремено ги осуди „манипулациите и насилството“.
„Мојата улога е да ја смирувам ситуацијата но и да ја штитам слободата на изразувањето во Франција“, кажа Макрон во интервјуто дадено во саботата за Ал џезира.
Макрон кажа дека разбира дека муслиманите можат да бидат „шокирани“ од карикатурите за Мухамед, но дека жали поради несогласувањата и манипулациите „на политичките и верските лидери“ кои повикаа на протести и бојкот на француските производи во мнозински муслиманските земји.
„Можам да разберам некој да биде шокиран од карикатурите, но нема никогаш да прифатам дека може да се оправда насилството. Нашите слободи, нашите права, сметам дека е моја задача тоа да го штитам“, додаде претседателот на Франција.
Макрон неодамна на комеморацијата на убиениот наставник Самуел Пати кажа дека Франција „ќе продолжи да ги брани карикатурите“. Млад исламист на 16 октомври го уби Пати поради карикатурите на Мухамед.
Макроновата изјава предизвика бран незадоволство во муслиманските земји, а најгласен беше претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган кој изрази сомнеж во менталното здравје на францускиот колега.