Во Брисел сè уште е во тек заедничкиот состанок на високиот претставник на Европската Унија Жосеп Борел и посредникот во дијалогот на Белград и Приштина Мирослав Лајчак со Вучиќ и Курти, јавуваат српските медиуми.
Разговорот трае повеќе од два часа, а некои медиуми јавуваат дека наскоро треба да биде завршен. РТС истакнува дека не е познато дали должината на состанокот значи дека договорот е блиску или станува збор за сосема спротивна ситуација.
Претходно српските медиуми јавија дека на состанокот кој го свика ЕУ е понудено решение кое е понижувачко за Србија.
Решението кое било понудено не е во согласност со Бриселскиот договор, што Србија, како што кажал извор за Блиц, не можела да го прифати.
„По сè изгледа нè очекуваат тешки и неизвесни денови, особено на северот на Косово и Метохија“, кажа изворот за весникот.
Српскиот претседател Вучиќ најверојатно вечерва ќе им се обрати на граѓаните.
Тензиите на Косово се засилени поради најавата на Приштина дека од утре ќе почне парично да ги казнува сопствениците на возилата со српските регистарски таблички, и покрај барањата од САД и ЕУ, кои на Курти му упатија повеќе повици да ја одложи одлуката за табличките, но и да го почитува Бриселскиот договор.
Србите на северот на Косово не сакаат да ги сменат српските таблички бидејќи, како што велат, тоа им е една од последните врски со централна Србија.