Пратениците во шведскиот парламент ќе гласаат за доверба на премиерот Левен, откако Левица не му даде поддршка за законот за нов систем на одредување на кириите. Доколку падне владата на Левен, Швеѓаните би можеле да излезат на првите вонредни избори од 1958 година.
Шведскиот премиер им понуди на партиите во парламентот да се договорат за нов модел за одредување на кириите за станови и така да ја решат најголемата политичка криза во поновата историја на Шведска.
„Даваме прилика за наоѓање решение. Очекуваме другите политички партии да се подготват да бидат одговорни и да не ја вовлечат Шведска во политичка криза“, кажа премиерот Стефан Левен, претседателот на социјалдемократите.
Меѓутоа, предлогот набрзо го одби Левица, партијата која ја поддржуваше малцинската влада на Левен.
„На едната страна во овие преговори ѝ се држи пиштол на чело. Одиме кон гласање на недоверба. Ме загрижува тоа што се толку решени да им ги кренат кириите на луѓето“, кажа претседателката на Левица Нуши Дагостар за Шведското радио.
Дагостар кажа дека Левица утре ќе се изјасни за недоверба на кабинетот на премиерот, со што е извесен пад на владата, бидејќи за недоверба се изјаснија партиите од опозицијата- шведските демократи, умерените и демохристијаните.
Во Шведска на сила е строг систем кој користи колективни договори за одредување на цените на кириите. Десничарските и партиите од центарот долго се обидуваат да воведат помалку строги правила со кои би му се препуштило на пазарот да ги одреди цените за новоизградените станови, што би влијаело на околу еден отсто на кириите за становите во Шведска.
Малцинската партија на Стефан Левен ја сочинуваат неговата Социјалдемократска партија и Зелената партија, додека при изгласувањето на владата, Левицата, партија од центарот и либералите останаа воздржани, што беше доволно да биде избрана владата.
Доколку Левица на утрешното гласање биде за недоверба, владата на Левен ќе падне и граѓаните на Шведска, доколку не биде формирано ново парламентарно мнозинство, би можеле да излезат на вонредни избори, први од 1958 година, а едвај петти од воведувањето на парламентарните избори во 1866 година. Редовните избори треба да се одржат во септември следната година.






