Центрите за контрола и превенција на болести, чии совети администрацијата ги поддржува, соопштија дека ќе продолжат да проценуваат дали носењето маски сè уште е неопходно. Обврската се однесува на авионите, возовите и другиот јавен превоз, а пред судската одлука донесена во понеделник, обврската требало да важи до 3 мај.
„Ќе продолжиме да ја проценуваме потребата од задолжителното носење маски во јавниот превоз, врз основа на неколку фактори, вклучително и нивото на ковид-19 во заедниците, ризикот од циркулација и новите варијанти, како и трендовите во случаите и сериозноста на болеста“, рече портпаролот на ЦДЦ во соопштение во вторникот.
Министерството за правда соопшти дека ќе се жали на одлуката на американската окружна судијка Кетрин Кимбал Мизел од понеделникот дека одредбата стара 14 месеци е незаконска доколку ЦДЦ утврди дека обврската за носење маски е неопходна за заштита на јавното здравје.
Пресудата ги поништи клучните претседателски напори за намалување на ширењето на ковид-19. „Ако ЦДЦ по проценката заклучи дека носењето маски е неопходно за јавното здравје, министерството за правда ќе ја обжали одлуката на окружниот суд“, се вели во соопштението на министерството за правда.
ЦДЦ ја повтори својата препорака да се носат маски во јавниот превоз. Тоа дојде неколку часа откако Бајден, на патување во Њу Хемпшир, одговори на прашањето дали луѓето сè уште треба да носат маски во авионите, велејќи: „Зависи од нив“.
Судската одлука од понеделникот, донесена како одговор на тужбата поднесена минатата година во Тампа, Флорида, значи дека одредбата на ЦДЦ за носење маска во јавниот превоз повеќе не е во сила, рече американски официјален претставник.
Ова се случува во време кога расте бројот на заразени со ковид-19 во Соединетите Држави, а повеќе од 400 луѓе умираат дневно од болеста која се пренесува преку воздухот, според последниот седумдневен просек.
Пресудата дојде по серијата пресуди против одредбите на Бајденовата администрација за борба против заразната болест од која умреа речиси милион Американци. „Одлуките за јавното здравје не треба да ги носат судовите. Треба да ги носат експертите за јавно здравје“, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.