„Разбирам дека не е лесно за Србија да го надмине споменот на војната, но според мене нејзините вистински интереси лежат на Западот“, кажа Кларк.
„Интеграцијата за Западот би ѝ донела на Србија значителни економски, политички, па и дипломатски предности. Србија е позната и по своите научни дострели, почнувајќи од Никола Тесла, па наваму. Западот дава многу поголем терен за такви остварувања“, додаде американскиот генерал.
Тој оцени дека Западот, пред сѐ ЕУ, не ја исполнил обврската за пружање постојана економска помош на земјите од западниот Балкан, преземена при мировните договори во 1995 година, што е главната причина за нестабилноста во регионот на југоисточна Европа.
Проблемите, според него, почнаа на самиот старт, бидејќи не беа спроведувани важни точки од Дејтонскиот мировен договор, а кога силите за имплементација на мирот (ИФОР) се повлекоа, Европската Унија не го презеде лидерството во вистинска смисла, ниту го исполни својот дел од обврските, смета Кларк.
„На пример, по успешната демилитаризација требаше да почне да се спроведува политичкиот дел од договорот, пред се воспоставување на функционално заедничко Претседателство на БИХ, како и рационален и конструктивен однос меѓу Република Српска и Федерацијата на БиХ. Функционирањето на сложената држава неизбежно атрофираше“, истакна Весли Кларк.
Кларк се залага и за прием на земјите од западниот Балкан во НАТО, без оглед што станува збор за мали земји, бидејќи според него секоја може да придонесе на воениот пакт.
„Можеби поважно од конкретниот придонес е создавањето заедничка политика, и улогата на НАТО во стабилизирање на регионот, за да не се враќате на конфликтите“, заклучи Кларк во интервјуто за Гласот на Америка на српски јазик.