Кандидатот што ќе добие најмногу гласови од членовите на Конзервативната партија автоматски станува премиер, како и лидер на таа партија, која во моментов има мнозинство во Долниот дом на британскиот парламент.
За да ја обезбедат поддршката од мнозинството членови на Конзервативната партија, Трас и Сунак го поминаа летото одржувајќи настани низ цела Британија, каде што одговараа на прашања за своите политики.
Се очекува следниот ден актуелниот британски премиер Борис Џонсон да ѝ ја предаде оставката на британската кралица Елизабета Втора, а наскоро потоа кралицата и официјално да го назначи неговиот наследник за местото премиер.
Прием кај кралицата
Џонсон ќе ја извршува функцијата премиер сѐ додека новиот премиер не ја преземе функцијата.
Вообичаена практика беше новиот премиер да биде поканет во Бакингемската палата за да биде именуван од кралицата, по предлог на владејачката партија.
Но овојпат ќе се отстапи од таа традиција и кралицата ќе ги прими и Џонсон и неговиот наследник во замокот Балморал, кој се наоѓа во Шкотска.
Доколку новиот премиер одлучи да не распише предвремени избори, следните редовни избори ќе се одржат најдоцна во јануари 2025 година.