Трамп, изненадувачки, загуби во Џорџија.
Вашингтон пост денеска објави делови од едночасовниот телефонски разговор помеѓу Трамп и државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, исто така републиканец, и напиша дека Трамп наизменично му ласкал, го молел и му се заканувал на Рафенспергер со неодредени казнени последици, во обид да го поништи својот изборен пораз од новоизбраниот претседател Џо Бајден во таа држава.
Весникот наведува дека Рафенспергер и неговиот советник во текот на целиот разговор ги отфрлале Трамповите тврдења и му одговориле на претседателот дека се потпира на спорните теории на заговор за изборите, кои биле фер и коректни. Аудиоснимките објавени од весникот го потврдуваат тоа.
„Народот во Џорџија е лут, луѓето во земјата се бесни“, рекол Трамп, според дел од снимката што ја објави весникот на својата веб-страница. „Нема ништо лошо, знаете, ако кажете дека повторно сте пресметале“, рече тој.
„Знаете, сè што сакам е ова. Само сакам да најдам 11.780 гласа, што е еден повеќе отколку што имаме. Бидејќи победивме во државата“, рекол Трамп во разговорот, инсистирајќи дека „нема шанси“ да загуби во Џорџија.
Белата куќа одби да ја коментира снимката, а канцеларијата на Рафенспергер сè уште не одговорила на барањето на Ројтерс за коментар. Ниту од канцеларијата на Бајден немало коментар.
Џорџија е една од неколкуте клучни држави на претседателските избори во САД на 3 ноември на кои Трамп загуби од Бајден. Оттогаш Трамп изнесува неосновани обвинувања за изборна измама во тие држави во обид да го смени резултатот.