Српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ и грчкиот министер за туризам Харис Теохарис на нивниот денешен состанок преку интернет се договориле да потпишат заеднички Меморандум за разбирање од областа на туризмот, во услови на пандемијата на ковид, кој ќе ги дефинира условите за влез на патници од Србија во Грција и од Грција во Србија, во периодот од 1 мај до 1 октомври 2021 година, објавија српските медиуми.
По тој повод, министерката Матиќ објави дека е договорено меморандумот да овозможи заемно признавање на електронските сертификати за вакцинација.
„На тој начин ќе можат да влезат граѓаните од обете држави што биле вакцинирани, додека ПЦР-тест или тест за антитела ќе бидат задолжителни за оние граѓани што не биле вакцинирани. Исто така, ќе се прават случајни брзи тестови на границата“, објасни министерката.
Таа забележа дека граѓаните што досега не биле во можност да извршат замени за патувањата во Грција и што имаат потпишано договори со туристички агенции, ќе можат да го сторат тоа до 31 декември 2021 година.
„Отворањето на грчката граница за нашите граѓани во текот на летната сезона ќе биде симболична слика за целосно нормализирање на нашите животи, но и уште една потврда за длабокото и вистинско пријателство и вонредните билатерални односи меѓу Србија и Грција“, рече Матиќ.