Против ковид-19

Вакцината на „Џонсон и Џонсон“ е успешна, и треба само една доза

Производ што може да ги трансформира светските програми за вакцинирање, вели Гардијан.

Фото: ЕПА

Петта вакцина, изработена од американската компанија Џонсон и Џонсон, се покажа ефикасна против коронавирусот, давајќи целосна заштита од хоспитализација и смрт, и може да ги трансформира шансите за заштита на светот, затоа што од неа е потребна само една доза.

Вакцината, направена од Јансен, подружница на американскиот гигант со седиште во Белгија, беше тестирана на 44.000 луѓе во САД, Јужна Африка и Бразил. САД нарачаа 100 милиони дози со можност за повеќе. Во Велика Британија се вршат понатамошни испитувања со втора доза - а британската влада купи 30 милиони дози. ЕУ нарача 400 милиони дози. Компанијата не можеше да каже каков ќе биде распоредот на набавките, под претпоставка дека регулаторите ќе ја одобрат.

Во САД вакцината имаше 72% ефикасност во спречувањето лесни до умерени случаи на ковид, но беше забележана пониска стапка од 66% на глобално ниво во големото испитување спроведено на три континенти и против повеќе варијанти. Таа им даде на луѓето 85% заштита од тешка болест, дури и во Јужна Африка, која се бори со проблематична варијанта на вирусот. Вакцината дава 100% заштита од хоспитализација и смрт, исто како и другите вакцини што сега се одобрени во САД и Европа.

Главниот американски епидемиолог д-р Ентони Фаучи рече дека ова е „апсолутно спектакуларен резултат“. Поради потребата од само една доза, би било полесно да се заштитат големите популации. Начинот да ѝ се стави крај на глобалната пандемија е „да се вакцинираат што е можно повеќе луѓе за да се спречи размножувањето на вирусот“, рече тој.

Резултатите покажале дека заштитата не варирала во различни возрасни групи и била исто толку силна кај тие над 60 години, кои се изложени на најголем ризик од ковид и сочинувале околу една третина од учесниците, како и кај помладите луѓе. Исто така, таа не се разликувала помеѓу групи од различна етничка припадност.

„Имаме вакцина што функционира кај сите возрасти и ја врши клучната функција на спречување хоспитализација на болните“, рече директорот на Ворп спид, американско јавноприватно партнерство за развој на вакцините против ковид-19, Мет Хепберн, на брифингот за резултатите.

Од оваа вакцина е потребна само една доза и може да се чува и транспортира на температури во фрижидер од 2 до 8 степени, за разлика од вакцините на Фајзер и Модерна.

Јансен во принцип се согласил да снабди до 500 милиони дози за Ковакс, иницијатива на ООН за добивање вакцини во земјите со пониски приходи. Тоа е втора најголема нарачка за Ковакс по вакцината на АстраЗенека. Компанијата соопшти дека многу инвестирала во нови фабрики низ целиот свет за да има капацитет да произведе 1 милијарда дози оваа година.

„Потенцијалот за значително намалување на товарот на тешка форма на болеста, преку обезбедување ефективна и добро толерирана вакцина со само една доза, е клучна компонента на глобалната јавноздравствена борба“, рече Пол Стофелс, главен научен директор на „Џонсон и Џонсон“.

„Светската здравствена организација смета дека вакцината од една доза е најдобрата опција во пандемиски услови, подобрувајќи ги пристапот, дистрибуцијата и почитувањето на правилата… 85-те отсто ефикасност во спречување тешка болест на ковид-19 и спречување медицински интервенции поврзани со ковид-19 потенцијално ќе заштитат стотици милиони луѓе од сериозни и фатални исходи на ковид-19. Тоа дава надеж и дека таа ќе помогне да се олесни огромниот товар на здравствените системи и заедниците“.

Вакцината се базира на вакцина на Џ&Џ успешно користена против еболата. Слична е на дизајнот на Оксфорд / АстраЗенека, кој сè уште не е одобрен во САД, но со неа се вбризгува протеин од шилецот на коронавирусот преку обична настинка кај луѓето, а не од аденовирус од шимпанзата.

Џ&Џ соопшти дека следната недела ќе поднесе барање за овластување за итни случаи во САД, Европа и Велика Британија.

Досега три вакцини се одобрени од различни регулатори низ целиот свет: на Фајзер / Бајонтек, Модерна и Оксфорд / АстраЗенека. Европската агенција за лекови во петокот ја одобри вакцината на Оксфорд. Четврта вакцина, од Новавакс, во четвртокот ги објави резултатите од испитувањата во последната фаза и сега исто така ќе оди на одобрување.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе