Вака сега изгледа наследната линија во кралското семејство

Кралицата Елизабета Втора, најдолговечниот британски монарх, почина мирно вечерва на 96-годишна возраст во Балморал, соопшти Бакингемската палата.

Фото: ЕПА

Елизабета Втора е шестата жена што седна на британскиот трон. Тоа се случи во февруари 1952 година. Таа стана кралица веднаш по смртта на нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести. Елизабета II се омажи за својот трет братучед, принцот Филип, војводата од Единбург, во ноември 1947 година. Принцот Филип почина на 99-годишна возраст во април 2021 година, а оттогаш здравјето на кралицата почна да се влошува.

Принцот Чарлс, најстариот син на кралицата, веднаш се искачи на тронот и стана британски крал. Чарлс најдолго го чека тронот во историјата на илјадагодишната монархија. По него, прв престолонаследник е неговиот најстар син, принцот Вилијам, војводата од Кембриџ.

Вака изгледа линијата на наследување на британското кралско семејство.

Принцот, односно новиот британски крал Чарлс

Чарлс е роден во 1948 година и е директен наследник на Елизабета Втора. Тој е главен наследник уште од својата тригодишна возраст. Тој е претседател на Фондацијата Принц и претседател или покровител на повеќе од 400 добротворни организации. Како принц од Велс, тој е првиот кралски наследник што добил универзитетска диплома. Тој беше во брак со Дајана, сега покојната принцеза од Велс, од 1981 до 1996 година. Имаа две деца: принцовите Вилијам и Хари. По смртта на Дајана, Чарлс се ожени со Камила, војвотката од Корнвол, во 2005 година.

Принцот Вилијам, војводата од Кембриџ

Принцот Вилијам е роден во 1982 година и сега е прв во редот за британскиот трон. Вилијам постигна највисоко ниво на образование, магистер по уметност, од кој било член на кралското семејство. Тој служеше во армијата од 2006 до 2013 година, учествувајќи во повеќе од 150 операции за пребарување и спасување со хеликоптери.

Неговата сопруга Кетрин, војвотката од Кембриџ, е најпопуларната личност во кралското семејство по покојната кралица Елизабета. Двојката се венча во 2011 година и има три деца - принцот Џорџ (9), принцезата Шарлот (7) и принцот Луи (4).

Принцот Џорџ од Кембриџ

Принцот Џорџ е роден во 2013 година како најстарото дете на Кејт и Вилијам. Неговото раѓање во редот на наследството го потисна помладиот брат на принцот Вилијам, Хари и тој стана трет во линијата за тронот. Ако стане крал по владеењето на неговиот дедо, сега крал Чарлс III и татко на принцот Вилијам, Џорџ ќе биде 43-от монарх од Вилијам Освојувачот.

Во моментов, деветгодишното момче го посетува училиштето Ламбрук во близина на Виндзор со помладата сестра, принцезата Шарлот, и братот, принцот Луи.

Принцезата Шарлот од Кембриџ

Принцезата Шарлот е родена во 2015 година и е четврта во редот за британскиот кралски трон. Ова е можно по 2011 година, кога британската монархија го укина правилото што им даваше предност на машките наследници пред нивните сестри во редот на наследување.

Принцот Луи од Кембриџ

Принцот Луи е роден во 2018 година и е петти во редот за тронот. Тој е роден само неколку недели пред свадбата на принцот Хари и Меган во 2018 година. Според традицијата, тоа попладне пред Бакингемската палата беше изложен златен триножник со врамена порака што го најавува раѓањето.

Практиката на поставување билтен по повод кралско раѓање датира од најмалку 1837 година, кога Бакингемската палата стана официјална резиденција на британскиот монарх.

Што е со принцот Хари и Меган Маркл?

Принцот Хари се ожени со американската глумица Меган Маркл во 2018 година во замокот Виндзор. Во јануари 2020 година кралската двојка рече дека ќе се повлече од функцијата „високи членови на кралското семејство“ и дека имаат намера „да работат на тоа да станат финансиски независни“. Нешто повеќе од една година подоцна, Палатата потврди дека тие нема да им се вратат на кралските должности и дека ќе се откажат од почесните титули и кралското покровителство.

Иако принцот Хари, некогаш шести во редот за тронот, е во немилост кај таткото и братот откако тој и Меган Маркл решија да го напуштат кралското семејство и да се преселат во Америка, неговите деца сепак може да добијат кралски титули.

Имено, кралскиот биограф Ендрју Мортон е убеден дека тригодишниот Арчи и едногодишната Лилибет ќе станат принц и принцеза кога Чарлс ќе стане монарх, што се случи денес. Тој е убеден дека Чарлс нема да ги остави внуците без титули.

Ако тоа се случи, тие се следни во редот за тронот. Арчи како шести, а Лилибет како седма во редот на наследување. По нив следуваат уште 20 луѓе што го чекаат тронот.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе