Камион што превезувал песок денеска во западна Словачка се судри со патнички автобус, при што загинаа 12 луѓе, што е најсмртоносниот сообраќаен инцидент во земјата последнава деценија, рече полицијата.
Несреќата се случила на дождливо време на свиен пат во близина на градот Њитра, 90 километри источно од Братислава.
Камионот веројатно бил пренатоварен и се занишал, при што удрил во автобусот што возел до него, им рече на новинарите министерката за внатрешни работи Дениса Сакова, која се упатила кон местото на несреќата. Потоа автобусот се урнал во провалија, а неколку луѓе се заробени под него, додаде таа.
Меѓу загинатите има четворица средношколци.
Пожарникарите соопштија дека може да се зголеми бројот на жртвите и повредените.
Најмалку 20 лица се повредени во несреќата, а Ројтерс, повикувајќи се на полициски извори, соопшти дека неколку лица сè уште се заробени во автобусот.
Премиерот на Словачка, Петер Пелегрини, порано ќе се врати од Кипар поради несреќата, која ја нарече „ужасна трагедија“.
Спасувачки хеликоптер слетал на патот, кој е затворен за сообраќај.