Од нападот на Капитол

Ужасна снимка пуштена на судењето на Трамп: полицијата моли за помош, сенаторите бегаат (ВИДЕО)

Обвинителството во средата на судењето за импичмент на Доналд Трамп претстави ново ужасно видео од безбедносните камери, на кое се гледа како толпата демонстранти влегуваат во Капитол, кршат прозорци и врати и заканувачки трагаат по потпретседателот Мајк Пенс и спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, додека совладаната полиција моли за помош преку своите радија, објави АП.

Во досега необјавени снимки, обвинителите на Претставничкиот дом прикажаа возбудливи сцени за тоа колку демонстрантите биле блиску до лидерите на земјата, шетајќи низ салите и извикувајќи „Обесете го Мајк Пенс“, некои опремени и со борбена опрема. Надвор, толпата имаше поставено импровизирана бесилка.

Видеата од опсадата кружат уште од денот на демонстрациите, но вознемирувачката компилација изнесува поцелосен наратив и прераскажување од секунда во секунда, вели АП. Покрај очигледниот хаос и опасност, таа дава и нови детали за напаѓачите, сцени на полициско херојство и извици на вознемиреност, и покажува колку била блиску земјата до потенцијален распад на нејзиното седиште на демократијата додека Конгресот го потврдува изборниот пораз на Трамп од демократот Џо Бајден.

„Тие го сторија тоа затоа што Доналд Трамп ги испрати на оваа мисија“, рече обвинителката на Претставничкиот дом Стејси Пласкет, демократска делегатка што ги претставува Девствените Острови на САД. „Неговата толпа упадна во Капитол за да ги лови“.

Шокантната снимка го почна првиот ден на претставување аргументи во судењето, кога обвинителите тврдеа дека Трамп не бил „невин посматрач“, туку „главен поттикнувач“ на смртоносниот бунт во Капитол, претседател што многу месеци ширеше изборни лаги и си градеше толпа на приврзаници што беа спремни за неговиот повик да ја спречат победата на Бајден.

Иако повеќето поротници во Сенатот веќе се изјаснија за ослободување или за осудување, тие втренчено и немо посматраа, вели АП. Салата на Сенатот ја исполнија вресоците од видеото.

„На 6 јануари претседателот Трамп ги прогласи сите во овој Капитол за мртви“, рече претставникот Хоакин Кастро од Тексас, обвинител.

На снимките се гледа како Мајк Пенс, кој претседаваше со седницата за потврдување на победата на Бајден над Трамп - со што беше критикуван од Трамп – брза да се засолни, заедно со своето семејство, на само 100 метри од немирите. Пелоси беше евакуирана од комплексот пред толпата да ги разори нејзините канцеларии, а нејзиниот персонал тивко се крие зад затворените врати.

Во еден драматичен момент, видеото покажува како полицијата пука во толпата преку скршен прозорец, убивајќи една жена од Сан Диего, Ашли Бабит. Во друг, се гледа како еден полицаец е смачкан од толпата.

Полицијата совладана од демонстрантите избезумено јавува „ни ја пробија линијата“ и ги повикува полицајците да се засолнат. Еден полицаец подоцна почина.

Некои сенатори признаа дека сега првпат сфаќаат колку опасно близу била земјата до сериозна опасност.

„Кога ќе видите дека сите делови се склопуваат, само тоталната свест за тоа, за огромниот обем на оваа закана, не само за нас како луѓе, како законодавци, туку и закана за институцијата и за тоа што го претставува Конгресот, тоа е вознемирувачко“, рече републиканската сенаторка Лиса Мурковски од Алјаска. „Неверојатно вознемирувачко“.

Трамп е првиот претседател на кој му се заканува судење за импичмент по напуштањето на функцијата и првиот што е двапати отповикуван. Тој е обвинет за поттикнување востание преку воспалувачки зборови, за што неговите бранители велат дека е заштитен со Првиот амандман на Уставот.

Демократите во Претставничкиот дом покажаа докази од самиот поранешен претседател - стотици твитови и коментари на Трамп, кои кулминираат со повикот на неговиот митинг на 6 јануари да се оди во Капитол во „пеколна борба“ за поништување на неговиот пораз. Трамп тогаш не стори ништо за да го запре насилството и „радосно“ гледаше, рекоа тие, додека толпата ја уриваше легендарната зграда.

„И кога неговата толпа превладеа и го окупираше Сенатот и го нападна Долниот дом и ги нападна органите на прогонот, тој го гледаше тоа на ТВ како реално шоу. Тој му се радуваше на тоа“, рече претставникот Џејми Раскин, главниот обвинител, кој го посочи Трамп како поттикнувач.

Во една сцена полицаец од Капитол го води сенаторот Мит Ромни, републиканец од Јута, по ходникот за да ја избегне толпата. Тоа беше истиот полицаец, Јуџин Гудман, кој беше пофален како херој затоа што ги одвлече демонстрантите од вратите на Сенатот.

„Ви се кине срцето и ви се насолзуваат очите“, рече Ромни по гледањето на видеото. Тој рече дека сѐ досега не сфаќал колку бил близу до опасноста.

Обвинителството тврди дека зборовите на Трамп биле дел од „големата лага“ - неговите неумоливи напори да посее сомнеж за резултатите од изборите, велејќи им на своите следбеници да „ја запрат кражбата“, иако немаше докази за значителна измама.

Иако шест републиканци им се приклучија на демократите во гласањето да се продолжи со судењето, гласовите 56-44 се далеку од прагот од две третини, од 67 гласа, кои се потребни за да биде обвинет.

Тие не се премислија, вели АП, дури ни откако го видоа вознемирувачкото видео.

Сенаторот Тед Круз, републиканец од Тексас, кој беше меѓу оние што ги предводеа напорите да се оспорат бројките од Електорскиот колегиум, рече: „Реториката на претседателот на моменти е воспалувачка, но ова не е референдум за тоа дали се согласувате со сè што претседателот ќе каже или ќе твитне“.

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе