Најавувајќи ја промената, највисоката унгарска здравствена функционерка Сесилија Малер рече дека во следните недели очекува забрзување на ширењето на коронавирусот, така што Унгарија поинаку ќе го распореди вакцинирањето, продолжувајќи го периодот помеѓу приемот на двете дози.
„Податоците покажуваат експоненцијално зголемување на инфекцијата“, рече таа на прес-конференција. „Следните недели ќе бидат многу тешки“, додаде таа.
Унгарија, земја со 10 милиони жители, викендов ја премина границата од 15.000 смртни случаи од коронавирусот, со што по стапката се изедначи со САД, пишува Ројтерс. Од почетокот на пандемијата во Унгарија имаше 433.000 заразени лица.
Унгарија е првата членка на Европската Унија што ги одобри вакцините од Русија и од Кина, предизвикувајќи непријатност кај западните сојузници, но исто така придонесе за побрза вакцинација бидејќи прима вакцини од пет производители.
Унгарија ги зголеми и нарачките од западните производители - од првичните 6,5 милиони дози, земјата на крај ќе добие 10,87 милиони дози вакцини од Бајонтек, рече Малер.
Будимпешта исто така договорила и набавка на вакцините на Модерна и Астра зенека, а очекува истото да го стори и со Џонсон и Џонсон кога ќе станат достапни во ЕУ, рече таа.
Новиот пристап значи дека вакцината на Астра зенека ќе се прима во растојание од 12 недели, а Фајзеровата од 35 дена.
Властите во Унгарија открија зголемено количество коронавирус во отпадните води низ целата земја, особено во Будимпешта, поради што постои можност за враќање на рестриктивните мерки, предупреди Малер.