Унгарците се вооружуваат: пристигнуваат тенкови од Германија вредни половина милијарда евра

Унгарија годинава ќе продолжи со интензивната програма за модернизација на своите оружени сили.

Во рамки на програмата ќе бидат набавени 44 тенка и 24 самоодни хаубици од Германија со вкупна вредност од околу половина милијарда евра.

Како што пренесува порталот Балканска безбедносна мрежа, станува збор за 44 тенка леопард 2А7 и 24 самоодни хаубици ПзХ-2000. Во истиот пакет Будимпешта ќе добие и 12 половни тенкови леопард 2 за обука и 13 логистички возила.

Почетокот на испораката се очекува следната година, а крајот по 2025 година.

Со таа борбена техника Унгарија ќе формира еден тенковски и два самоодни артилериски дивизиони, односно една бригада за брзо дејствување вооружена на нивото на најразвиените земји од НАТО.

Стратегиската определба на Будимпешта е воената опрема за потребите на програмата за модернизација да ја купува на пазарот на Европската Унија, поради што главни партнери ѝ се компанијата Ербас за хеликоптерите Х-145М и Х-225М, како и германските Рајнметал и КМВ за оклопната техника.

Додека не стигнат германските тенкови, Унгарија има еден баталјон со триесетина застарени тенкови Т-72, четири баталјони борбени пешадиски возила БТР-80А со топ од 30 милиметри и 260 БТР-80 во верзија оклопен транспортер со митралез со калибар 14,5 мм.

Возилата БТР-80 Будимпешта ги доби во деведесеттите години од минатиот век во рамки на компензацијата за долгот на поранешен СССР, а не се исклучува можноста таа опрема да остане во употреба поради планираното зголемување на бројната состојба на војската до 2026 година.

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе