УНЕСКО загрижено за Аја Софија

Историјата безмилосно си поигра со едно од најголемите христијански светилишта, изградено уште во шестиот век.

Фото: ЕПА

Комитетот на УНЕСКО за светско наследство изрази „длабока загриженост“ за последиците од преобразбата на Аја Софија и Црквата Христос Спасителот во исламски храм. Во Анкара тоа го доживуваат како мешање во суверените права на земјата и тврдат дека обвинувањата се неосновани и дека имаат политички мотиви.

„Бараме од Турција да достави исцрпен извештај за состојбата на зачуваност на Аја Софија и Црквата Христос Спасителот (сега џамија Карие) до 1 февруари 2022 година, по преобратувањето во исламски места за богослужба“, беше објавено по 44-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Пред една година, тие христијански светилишта беа претворени во џамии и нивниот ентериер беше преуреден за нови потреби, бидејќи во нив повторно се одржуваат молитви, и тоа привлекува многу муслимани, особено Аја Софија. Доколку Комитетот биде незадоволен од ситуацијата во тие историски градби, може да ги стави на листата на загрозено светско наследство или да ги отстрани од листата на светски наследства, на која Аја Софија се наоѓа од 1985 година.

Министерството за надворешни работи во Анкара ги отфрла тие обвинувања: „Аја Софија и џамијата Карие се сопственост на нашата држава и тие се целосно заштитени“. Начинот на кој ќе се користат е дефиниран во рамките на суверените права на Република Турција, рече во писмена изјава Танжу Билгич, портпарол на министерството. Работите на реставрација „немаа негативни последици и не ги загрозуваат важечките стандарди“, рече тој, обвинувајќи го УНЕСКО дека има предрасуди кон Анкара и дека „зад тие обвинувања стојат политички мотиви“, но не кажа чии.

Историјата безмилосно си поигра со едно од најголемите христијански светилишта, изградено уште во шестиот век. Изградбата на црквата траела пет години и таа била завршена во 537. Преживеала многу предизвици: земјотреси, пожари, крстоносни походи, сѐ додека не дошле Османлиите. Султанот Мехмед II го освоил Цариград на 29 мај 1453 година и по само неколку дена доѕидал едно минаре (подоцна уште три), претворајќи ја - по 916 година - во џамија, со цел да ја докаже доминацијата на муслиманите над христијаните. Во неа верниците се поклонуваа речиси пет века. Големиот реформатор Мустафа Кемал Ататурк делумно го исправи тој историски грев: во 1934 година ја претвори во музеј. Таа веќе не беше ниту џамија ниту црква. Тој не се осмели да оди до крај - да ја претвори во она што навистина е, во црква - бидејќи конзервативните муслимани никогаш немаше да му го простат тоа.

Пред една година Врховниот управен суд на Турција ја поништи таа одлука и Аја Софија повторно стана џамија. Тоа беше критикувано во светот, особено кај христијаните, додека во Турција беше поздравено со аплауз. Иако пандемијата тешко ја погоди земјата, Аја Софија секогаш е преполна, особено во петок и за викенд: во дванаесетте месеци колку што е џамија, во неа и на блискиот плоштад се поклонуваа повеќе од три милиони верници, дојдени од целата земја. Христијаните и припадниците на другите религии исто така можат да ја посетат Аја Софија, но само кога Турците не држат молитви во неа.

„Бројот на посетители ќе продолжи да се зголемува, особено кога ќе се укинат сите ограничувања што се во сила поради епидемијата на ковид-19. Локалното население покажува голем интерес за новите џамии“, рече имамот Мустафа Јавуз.

Турците велат дека ова е едно од најважните места за молитви, бидејќи Аја Софија е дел од идентитетот на Истанбул. За муслиманите има симболична вредност бидејќи го означува освојувањето на градот на Босфорот. Претседателот Ердоган се надева дека благодарение на овој потег ќе ги привлече гласовите на конзервативните верници на претстојните избори и дека повторно ќе си ја врати власта во Истанбул, каде што претрпе тежок пораз на локалните избори пред две години. За првпат, неговата Партија на правдата и развојот (АКП) нема градоначалничко место во мегалополисот, во кој живеат 16 од 80-те милиони Турци.

Кога муслиманите се поклонуваат во Аја Софија, теписите се прекриени со патос, а фреските и иконите на ѕидовите со завеси, за да не ги вознемируваат Ердоган и неговите следбеници.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе