На 99 години

Умре вдовицата на албанскиот диктатор Енвер Хоџа

Вдовицата на некогашниот албански диктатор Енвер Хоџа, Неџмие, умре денес на возраст од 99 години, 35 години по својот сопруг кој повеќе од 40 години владееше со Албанија, соопшти семејството.

Смртта на Неџмие Хоџа во скромен стан на периферијата на Тирана ја потврди нејзината снаа по телефон за агенцијата Франс прес.

Многумина сметаат дека сопругата на комунистичкиот диктатор била Ѓаволска жена, според насловот на книгата на Фахри Баљиу, во чиј предговор писателот Исмаил Кадаре ја опиша како „најлошата од сите жени на диктатори“.

Но, нејзината пријателка Вито Капо зборуваше за неа дека е „многу чувствителна жена, пример за мајка и сопруга, секогаш покрај Енвер Хоџа“.

Во разговор во 2008 за агенцијата Франс прес Неџмие Хоџа не изрази ни најмало жалење поради злосторствата на својот сопруг.

„За што да барам прошка? За ништо не жалам и за ништо не се чувствувам одговорна. Ги почитувавме законите кои беа на сила во тоа време“, кажа таа речиси четврт век по смртта на Енвер Хоџа во 1985.

Поранешниот премиер Сали бериша смета дека таа управувала со Албанија долго пред смртта на својот сопруг, кој имаше тешки здравствени проблеми.

По падот на комунизмот Неџмие Хоџа во 1993 година беше осудена за злоупотреба на власта и проневерување јавни пари на девет години затвор, но таму мина само пет.

Под комунистичкиот режим (1945-1991) биле стрелано 5.577 мажи и 450 жени, над 26.000 лица биле затворени, 32.000 депортирани, а 77.000 настрадале во работните логори. Комунистичкиот режим ги уништи сите џамии и цркви и ја забрани религијата.

Неџмие Хоџа тврдеше дека нејзиниот сопруг „не бил диктатор туку идеален лидер кој знаел да ја брани својата земја од внатрешните и надворешните непријатели кои ја загрозувале“.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе