Умираат и вакцинираните, но десет пати поретко

Од почетокот на вакцинацијата во Германија, секој десетти починат од ковид е вакциниран, а речиси сите се на возраст над шеесет години.

Фото: ЕПА

Во Германија, според последните извештаи, со коронавирусот се заразиле околу 150 илјади луѓе иако биле вакцинирани. Вкупниот број на вакцинирани во Германија надминува 56 милиони луѓе. Од почетокот на вакцинацијата, секој десетти починат од последиците на коронавирусот бил вакциниран, а речиси сите се на возраст над шеесет години.

„Огромно мнозинство од вакцинираните што се заразиле или се постари од 80 години, поради што нивниот имунолошки систем не функционира најдобро, или се постари од 60 години, а имаат и некоја тешка болест, како тумор или нешто друго што дополнително го ослабува имунолошкиот систем“, вели Гернот Маркс, претседател на здружението за интензивна нега.

Како причина за рекордните бројки - во Германија во четвртокот имаше 50.000 новозаразени лица во еден ден - експертите најмногу го наведуваат студеното време кога повеќе време се поминува во затворени простории, но и значителното олеснување на мерките. Минатата година во ова време во Германија имаше строг карантин, пишува Дојче веле.

А како причина што заболуваат сѐ повеќе постари вакцинирани лица се наведуваат ослабените ефекти на вакцината по неколку месеци.

„Во моментов, близу 44 проценти од пациентите постари од шеесет години што се на интензивна нега со ковид се вакцинирани. Тој удел е значително зголемен“, предупреди во четвртокот познатиот германски интернист Уве Јансенс, кој до минатата година го водеше националното здружение на лекари за интензивна нега.

Во последниве недели во медиумите доминира фразата „пробив на вакцината“ што, како што објаснуваат експертите, е ситуација кога вакцинираните сепак се разболуваат - па не само што се заразени, туку имаат и симптоми, иако благи.

Тој што ќе заврши на интензивна нега, сигурно нема благи, туку многу сериозни симптоми.

Според последните податоци од официјалната датотека, 2.828 лица се на интензивна нега во Германија поради ковид, од кои половина се на респиратор. Тоа сепак е двојно помалку од минатиот декември, но тогаш немаше масовна вакцинација.

Според Јансенс – а новите официјални податоци од Институтот Роберт Кох сѐ уште се чекаат – произлегува дека скоро секој втор постар пациент всушност е вакциниран. Големиот број противници на вакцинацијата ја поздравија веста како триумф на сопственото тврдење дека вакцината и онака не штити.

Меѓутоа, од сите луѓе постари од 60 години во Германија, дури 86 отсто од нив примиле две дози од вакцината. Ова значи дека невакцинираните постари граѓани сега имаат осум пати помала веројатност да се најдат во најтешката и можеби смртоносна фаза на болеста.

Кај помладите уделот на вакцинираните на интензивна нега е многу помал, околу 12 отсто.

„Колку повеќе луѓе вакцинираме, толку повеќе вакцинирани ќе има меѓу новозаразените. Затоа што, знаеме дека, за жал, вакцината не штити сто проценти“, рече Бернд Залцбергер, професор на Универзитетската клиника во Регенсбург и претседател на Германското друштво за заразни болести.

„Со стариот сој на вирусот имавме 95% заштита од инфекција“, додаде Залцбергер за порталот на германскиот јавен сервис. „Сега, со делта-мутацијата, таа заштита е послаба, околу 80 проценти. А тоа едноставно значи дека имаме четири пати повеќе пробив на вакцините. Тоа се одразува и на бројките“.

Како што едноставно се објаснува на порталот на Институтот „Роберт Кох“, доколку сто проценти од луѓето се вакцинирале, тогаш меѓу заразените ќе имало сто проценти вакцинирани.

Но, како што истакнуваат експертите, вакцината сепак штити во огромен процент. Тоа го покажуваат и податоците од одредени провинции што секојдневно објавуваат колку луѓе се вакцинирани меѓу заразените, пишува Дојче веле.

На пример, во Баден-Виртемберг, во последните седум дена на секои сто илјади невакцинирани лица 892,5 биле позитивно тестирани. Од сто илјади вакцинирани, 36,2 биле заразени - значи 25 пати помалку.

Во таа покраина во изминатите четири недели од сто илјади невакцинирани лица во болница завршиле 56,6, додека на сто илјади вакцинирани таа бројка изнесувала 9,1, што е шест пати помалку.

Во моментов, Постојаната комисија за вакцинација препорачува трета доза вакцина, таканаречена бустер, за оние над 70 години, за сите што живеат во домови за стари лица, за лицата со нарушено здравје и за медицинскиот персонал. Комисијата ги разгледува податоците, вклучително и од Израел, за да утврди дали да препорача трета доза за сите.

Во Германија досега со две дози се вакцинирани 67,4 отсто од населението.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе