„Унгарија отворено ја покажува својата соработка со Руската Федерација. (Рускиот претседател Владимир) Путин дури однапред ги предупредил дека ќе ја нападне нашата земја“, кажал Данилов, а пренесува Укрејн тудеј.
Данилов за време на интервјуто додал дека унгарската власт се надевала дека ќе добие дел од Украина.
„Од некоја причина верувала дека би можела да добие дел од нашата територија. Тоа никогаш нема да се случи. Ќе ги видиме последиците за таа земја по војната“, порачал секретарот на украинскиот Совет за безбедност и одбрана.
Унгарија брзо ги демантираше овие тврдења. Портпаролот на унгарскиот премиер Виктор Орбан кажа дека станува збор за лажни информации и негираше дека Будимпешта планира да го анектира Закарпатје, каде живеат околу 140.000 етнички Унгарци.
Золтан Ковач на Твитер напиша дека Украина со ваквите обвинувања ѝ се одмаздува за тоа што Унгарија не сакала да ѝ испрати оружје.
„Сфаќаме дека Украина не е задоволна од нашата одлука, но ширењето лажни информации нема да го смени нашиот став“, кажа тој.
Унгарската амбасада во Украина исто така реагираше на изјавата на Данилов и побара да ја повлече.
„Амбасадата на Унгарија во Украина е огорчена од изјавата на секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Олексиј Данилов, која ја даде на 2 мај 2022. Во неа лажно и неосновано ги обвини унгарските власти и поттикна омраза кон унгарскиот народ“, напиша унгарската амбасада на Фејсбук.
„Ги отфрламе и најостро ги осудуваме клеветите на сметка на Унгарија. Го повикуваме Данилов да ја повлече својата изјава“, додаде амбасадата.