Зеленски за обидот за државен удар, до кој требало да дојде следната недела, зборуваше на денешната прес-конференција, каде што исто така ја спомена руската закана со воена ескалација.
„Се соочуваме со предизвиците не само од Руската Федерација и можната ескалација, туку имаме и големи внатрешни предизвици. Имам добиено информации дека во нашата земја на 1 и 2 декември ќе се изведе државен удар“, рече Зеленски.
Тој не даде подетални информации за наводниот државен удар и не ја обвини отворено Русија дека е вмешана, но спомена звучен запис за превратот, на кој наводно може да се чујат луѓе од Русија.
Русија трупа воени сили близу својата граница со Украина, која заедно со Соединетите Американски Држави и со НАТО изрази загриженост поради можен руски напад. Кремљ ја отфрли оваа можност, додавајќи дека непотребно се предизвикува паника.
Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат поради кревање на напнатоста во минатите недели, со што предизвикуваат страв дека долготрајниот судир меѓу Украина и руските сепаратисти, кои ги поддржува Русија, би можел да прерасне во отворена војна.
„Целосно ги контролираме сопствените граници и потполно сме спремни за каква било ескалација“, рече Зеленски.