Украина не сака да ја повлече војската од немирниот исток

Украина денес одби да ги повлече своите војници од бунтовниот исток, објавувајќи дека по втор пат неделава проруските сепаратисти со артилериски напади го спречуваат спроведувањето на договорот за воспоставување мир во тој регион.

Москва, пак, тврди дека вратата и понатаму е отворена за нова средба на лидерите на Русија, Украина, Франција и Германија на која би требало да се разговара за завршување на петгодишниот конфликт во регионот Донбас во кој, според ОН, загинале над 13 илјади луѓе.

Преговарачите на Украина, Русија и бунтовниците месецов се согласија Киев на одметнатиот регион да му даде специјален статус и таму да се одржат локални избори. Според договорот и бунтовничките и украинските сили треба да се повлечат од регионот.

Но, сѐ уште не е јасно како тие точки ќе бидат спроведени, а застојот во онаа наједноставната – повлекувањето на војниците – покажува дека решението за конфликтот е сѐ уште далеку.

Повлекувањето прво беше закажано за понеделникот, а потоа одложено за денес. Сега повторно е одложено поради артилериските напади на бунтовниците, кажа портпаролот на украинското министерство за одбрана, додавајќи дека за повлекувањето е неопходно почитување на прекинот на огнот од барем една недела.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, коментирајќи го одложувањето кажа дека успешното повлекување значително би го забрзало спроведувањето на мировниот договор, но дека лидерите на спомнатите земји, познати како Нормандиска четврока, ттреба да одлучат дали ќе организираат нов самит за да се стави крај на конфликтот.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Андреј Руденко во одвоена изјава за агенцијата РИА истакна дека свикување на самит на Нормандиската четворка пред повлекувањето би било избрзано.

„Потврдуваме дека средбата мора да се случи. Но таа јасно мора да даде до знаење дека договорите постигнати пред три години се спроведени“, истакна Руденко.

Одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го поддржи мировниот план кој Киев претходно го отфрлаше беше повод за протести во Украина. Некои противници го обвинуваа дека капитулирал, а тој им одговори дека „никогаш нема да ја предаде Украина“.

„Никој не го спори суверенитетот на Украина, ова е внатрешно украинско прашање, а Украина со своите прашања за суверенитетот се носи самостојно“, кажа Песков.

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе

Социјалниот маркетинг веднаш би можел ефективно да придонесе во напорите против нееколошкото однесување во нашата земја.

повеќе

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе