Франција

Убиениот наставник бил мета на кампања на социјалните мрежи

Самјуел Пати, наставникот кој беше убиен пред училиште во предградие на Париз, бил омилен меѓу учениците и родителите поради својот посветен и професионален однос. Сепак, тој е убиен откако станал мета на лута кампања на социјалните мрежи.

Пати (47) во петокот беше обезглавен од 18-годишен Чеченец. Обвинителите рекоа дека напаѓачот сакал да го казни наставникот затоа што на учениците им покажувал карикатури од пророкот Мухамед на час за слобода на изразување претходно овој месец.

Родителите рекоа дека се изненадени како час по граѓанско образование може да прерасне во мотив за ужасно убиство.

Обвинителите ова донекаде го објаснија откако изјавија дека се приведени двајца мажи - татко на една од ученичките во училиштето и негов познаник кој бил на радарот на разузнавачките служби - кои на социјалните мрежи го претворија спорот околу часот во кампања против наставникот.

Тинејџерот им пришол на учениците на улица и ги замолил да му ја посочат жртвата, изјави вчера обвинителот Жан Франсоа Рикар.

Полицијата го застрела напаѓачот роден во Русија неколку минути откако тој во петокот среде бел ден го уби наставникот во Конфланс-Сант-Онорино.

Фотографија од телото на наставникот, со порака во која тој презема одговорност, е објавена на Твитер, била во телефонот на напаѓачот кој бил пронајден во близина на неговото тело. Рикар рече дека профилот на Твитер му припаѓал на напаѓачот. Објавата беше брзо избришана од Твитер, кој објави дека го укинал профилот затоа што ги прекршил правилата на компанијата. Рикар рече дека пораката гласела: „Во името на Алах, милостивиот, сомилосниот... (на претседателот Емануел) Макрон, водачот на неверниците, погубив еден од вашите чудовишта што се осмелија да го омаловажат (пророкот) Мухамед“.

Предавањето на Пати налутило некои родители муслимани. Муслиманите веруваат дека секое прикажување на пророкот е богохулно. Пати, кој предавал историја и географија, на часот ги советувал учениците од исламска вероисповед да не ги гледаат карикатурите ако сметаат дека ќе ги навредат.

Во деновите по предавањето за слободата на изразување, таткото на ученичката направил неколку снимки на кои тој вели дека наставникот е разбојник и повика да му се даде отказ. На една, тој ги охрабрува другите „да ги здружат силите и да кажат: не, не ги допирај нашите деца“.

Снимките ги објавил на Фејсбук на 7 октомври.

Пет дена подоцна, тој објавил видео на Јутјуб, во кое негов познаник, кој не се гледа, вели дека претседателот Макрон поттикнува омраза против муслиманите и се заканува со демонстрации доколку професорот не биде отпуштен од работа.

Вработените во училиштето се обиделе да го решат спорот. Директорот закажал состанок со родителите кои не биле задоволни од предавањето. Родителот кој го објавил видеото на Фејсбук не присуствувал.

„Добро помина“, рече за состанокот Нордин Шауди, на чие дете му предавал Пати. „Мојата сопруга присуствуваше. Таа рече дека станува збор за маж кој погрешил и дека тоа им се случува на сите. Немаше потреба да се агитира на социјалните мрежи“.

До вторникот оваа недела, директорот, наводно, успеал да ја смири атмосферата во училиштето, но дотогаш спорот ескалирал.

Според обвинителите, училиштето добивало закани откако снимките почнале да се појавуваат на социјалните мрежи.

Таткото на ученичката има полусестра која се приклучила на Исламската држава во Сирија во 2014 година, рече обвинителот.

Напаѓачот, со чеченско потекло, живеел во градот Евре северозападно од Париз и претходно не им бил познат на разузнавачките служби, рече Рикар на прес-конференција.

Обвинителот потврди дека полицијата држи во притвор девет лица во врска со нападот. Убиството ја шокираше Франција и го врати сеќавањето на нападот пред пет години врз редакцијата на сатиричното списание Шарли Ебдо. Премиерот Жан Кастекс рече дека тоа има карактеристики на исламистички тероризам.

„Сакам со вас да го споделам целосниот револт. Целта на овој грозоморен чин е секуларизмот, столбот на Француската Република “, рече Кастекс.

Макрон испрати порака за национално единство неколку часа по несреќата: „Нема да победи, нема да не раздели“.

Министерот за образование Жан-Мишел Бланкер рече дека Пати е убиен од „непријателите на слободата“ и дека Франција „никогаш нема да попушти пред теророт и заплашувањето“. Родителите на учениците оставија цвеќе пред портата на училиштето. Некои рекле дека децата им биле избезумени.

„(Ќерка ми) е избезумена, преплашена од насилството на такво дело. Како да ѝ го објаснам незамисливото?“ напиша еден татко на Твитер.

Муслиманските лидери го осудија завчерашното убиство, што многу јавни личности го доживеаја како напад врз суштината на француската државност и нејзините вредности на секуларизмот, слободата на вероисповед и слободата на изразување.

Смртоносните напади од исламистички милитанти или нивни симпатизери беа погубни за француската муслиманска заедница, рече Тарек Обро, имам на џамија во Бордо.

„Се најдовме помеѓу чеканот и наковалната“, изјави тој за радиото Франс Интер. „Тоа е напад врз Републиката, општеството, мирот и самата суштина на религијата, а тоа е единството“.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе