Убиецот во САД им се заканувал на членовите на семејството дека ќе ги убие, а потоа легално купил пет пиштоли (ФОТО)

Мажот обвинет за убиство на седум лица на парадата на четврти јули во Чикаго, се провлекол низ заштитните мерки на законот во Илиноис, дизајниран да ги спречи луѓето за кои се смета дека имаат насилни тенденции да набават оружје, открија официјални лица во вторникот.

Фото: Твитер

Откритието покрена прашања за адекватноста на државните закони дизајнирани да идентификуваат опасност, и покрај тоа што обвинителот го пофали системот како „моќен“ за време на прес-конференцијата на која најави седум обвиненија за убиство од прв степен против 21-годишниот осомничен Роберт Е. Кримо.

Наредникот Крис Ковели од Канцеларијата на шерифот на округот Лејк рече дека Кримо легално купил вкупно пет пиштоли, вклучително и оружјето за кое се сомничи дека го користел во убиството, и покрај тоа што двапати го привлекол вниманието на полицијата поради однесувањето кое сугерирало дека може да се повреди себеси или другите.

Првиот случај бил повик до брза помош во април 2019 година во кој било пријавено дека Кримо се обидел да се самоубие, по што во септември истата година следела полициска посета во врска со наводните закани „дека ќе ги убие сите“ што ги упатувал до членовите на семејството, рече Ковели.

Според Ковели, полицијата реагирајќи на вториот инцидент запленила колекција од 16 ножеви, бодежи и мечеви од домот на Кримо во Хајленд Парк во предградието на Чикаго, каде што се случи пукањето во понеделникот. Но, апсење не било извршено бидејќи властите тогаш немале оправдана причина да го приведат, додаде тој.

„Немаше жалба потпишана од ниту една од жртвите“, објасни Ковели.

Подоцна во вторникот, одделно соопштение од државната полиција на Илиноис вели дека агенцијата добила полициски извештај од Хајленд Парк во кој Кримо се прогласува за „јасна и непосредна опасност“ по наводните закани кон роднините во септември 2019 година.

Во тоа време, сепак, Кримо не поседувал државна „идентификациска картичка на сопственик на огнено оружје (ФОИД)“ која може да се отповика или барање за ФОИД на чекање за да се одбие. Така е прекината вклученоста на државната полиција во случајот.

Државната полиција, исто така, рече дека ниту еден роднина или некој друг не бил подготвен да „поднесе формална жалба“ или да обезбеди „информации за закани или ментално здравје што ќе ѝ овозможат на полицијата да преземе дополнителни мерки“.

Три месеци подоцна, на 19-годишна возраст, Кримо се пријавил за својата прва ФОИД картичка, под покровителство на неговиот татко. Но, бидејќи никогаш не била побарана забрана за носење огнено оружје и не била преземена правна постапка против Кримо, „немаше доволно основи да се утврди јасна и непосредна опасност и да се одбие барањето за ФОИД“, соопшти државната полиција.

Според државната полиција, Кримо поминал четири проверки за време на купувањето оружје, од кои сите биле спроведени во 2020 и 2021 година, доста подоцна од инцидентите во 2019 година кои го привлекле вниманието на полицијата.

Државната полиција соопшти дека единственото кривично дело откриено за време на проверките на Кримо било незаконско поседување тутун во 2016 година и дека никогаш не се појавиле извештаи за ментално здравје од давателите на здравствени услуги.

Државната полиција соопшти дека полицајците кои го посетиле домот на семејството како одговор на наводните закани што Кримо ги упатил во септември 2019 година, го прашале „дали сака да се повреди себеси или другите“ и дека „тој одговорил „не““.

„Дополнително и поважно, таткото тврдеше дека ножевите се негови и дека биле чувани во плакарот (на синот) на сигурно“, соопшти државната полиција. „Врз основа на тие информации, полицијата на Хајленд Парк му ги вратила ножевите на таткото подоцна тоа попладне“.

Голем број американски политичари во двете партии повикаа на пошироко усвојување и спроведување на закони дизајнирани за идентификување опасност, кои им дозволуваат на судовите да издаваат наредби за забрана. Ова им овозможува на властите да конфискуваат огнено оружје од поединци или да ги спречат да купуваат оружје кога се смета дека претставуваат значителна закана за себе или за другите.

Државниот правобранител кој го обвини Кримо во вторникот, не можеше да објасни како на Кримо можело да му се дозволи легално да набави оружје.

Конгресот минатиот месец усвои нацрт-закон за контрола на оружјето.

Легенда под Главна слика

Фото: Твитер

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе