Според истражителите, кланот Гранде Аракри, активен на врвот на италијанската чизма, но исто така и во некои региони на север и во странство, перел пари преку мрежа од 23 аптеки.
Овие активности биле овозможени благодарение на поддршката од претседателот на регионалното собрание на Калабрија, Доменико Талини, 68, кој ги поедноставил административните процедури во замена за гласови на регионалните избори во 2014 година.
Доменико Талини, член на партијата Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони, е ставен во домашен притвор.
Уште осумнаесетмина уапсени во Калабрија и Рим се осомничени за мафијашко здружување, обид за изнуда, нелегално поседување оружје, перење пари и изборни измами, се вели во полициското соопштение.
Акцијата против мафијата се случи во време кога Калабрија, најсиромашниот регион во Италија, се соочува со криза на последователни оставки на тројца регионални здравствени службеници задолжени за усвојување политика за борба против ковид-19.
Калабрија е историско упориште на Ндрангета, најбогатата и најмоќна италијанска мафија.