Се смета дека Це Чи Лоп, канадски државјанин роден во Кина, е лидер на организацијата што доминира на илегалниот пазар на дрога во Азија, вреден 70 милијарди долари.
По него е издадена потерница во Австралија, во која се наведува дека тој е еден од најбараните бегалци во светот. Чи Лоп беше приведен од полицијата на аеродромот Шипхол во Амстердам, а Австралија најверојатно наскоро ќе побара негова екстрадиција, пишува Би-би-си.
Австралиската федерална полиција (АФП) смета дека „Компанијата“, позната и како Син Гор, е одговорна за до 70% од целата илегална дрога што пристигнува во земјата. Затоа, таа го споредува 56-годишникот со мексиканскиот наркобос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман.
АФП, наводно, го следела Чи Лоп повеќе од една деценија пред да биде уапсен во петокот, додека се подготвувал да се качи на лет за Канада. Во полициското соопштение се вели дека потерницата е издадена во 2019 година, а полицијата во Холандија постапила по дојава од Интерпол.
Netherlands Police have arrested one of world's most wanted fugitives, Tse Chi Lop, alleged head of one of biggest drugs gangs in the world, on a warrant issued by Australia. He is said to be head of The Company, that dominates $70bn illegal #drugs market in Asia. #MIG #ElChapo pic.twitter.com/rkC6wgMrhZ
— MEDIA INDIA GROUP (@mediaindiagroup) January 24, 2021
Во 2019 година Ројтерс објави посебна репортажа за Чи Лоп, опишувајќи го како „најбараниот човек во Азија“. Тој ги цитираше процените на ООН дека приходите на Компанијата во 2018 година само од продажба на метамфетамин биле околу 17 милијарди долари.
Полицијата верува дека Це Чи Лоп во последните неколку години се селел меѓу Макао, Хонг Конг и Тајван. Претходно помина девет години во затвор откако беше уапсен за трговија со дрога во САД во 90-тите години на минатиот век.
Често го штитеа тајландски кикбоксери, а наводно во една вечер во казино во Макао изгубил 66 милиони долари, наведува Дојче веле.
Австралиските медиуми го опишаа неговото апсење како „најважното“ апсење од страна на федералната полиција во последните дваесет години.