Профилот во меѓувреме беше изгасен поради „прекршување на правилата на Твитер“, објави социјалната мрежа.
„Одмаздата е неминовна. Ќе се изврши над убиецот на Сулејмани и оној кој го наредил убиството“, се наведува во пораката на фарси објавена синоќа нешто пред полноќ на профилот на ајатолахот Али Хамнеи (@khamenei_site).
Покрај пораката беше објавена и фотомонтажа на која Доналд Трамп игра голф додека го надлетува триаголно летало од кое се гледа само сенката на тревникот.
Генералот Касем Сулејмани, творецот на стратегијата на иранското влијание на Блискиот Исток, беше убиен на 3 јануари 2020 во Багдад во напад со американско беспилотно летало кој го наредил тогашниот претседател Доналд Трамп.
Тој во средата замина од функцијата која му ја препушти на Џо Бајден и се повлече во своето одморалиште на Флорида.
Врховниот ирански лидер повеќе пати се закани дека смртта на Сулејмани ќе биде одмаздена. На првиот ден од 2021 година, на свеченоста во чест на убиениот генерал, шефот на иранската правосудна власт Ебрахим Раиси кажа дека неговите убијци „никаде нема да бидат безбедни“.
„Немојте да мислите дека некој може да се извлече, па ни американскиот претседател, кој е убиец бидејќи го наредил убиството“, кажа тој.
„Одмаздата може да се случи во секое време“, пишуваше на профилот на врховниот ирански лидер на Твитер.