Бившиот телохранител со најлош резултат во својата историја

ТВ-забавувачот тесно победи на парламентарните избори во Бугарија

Бугарскиот ТВ-забавувач и музичар Слави Трифонов го доби правото да формира влада, по тесната победа на парламентарните избори во неделата.

Фото: ЕПА

Неговата антиелитистичка партија Постои таков народ (ИТН) освои 23,91 проценти од гласовите и победи на изборите, а со 23,69 проценти од гласовите второто место ѝ припадна на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот премиер Бојко Борисов.

ИТН се појави како главна политичка сила на претходните парламентарни избори во април, но во отсуство на согласност меѓу главните протагонисти, Бугарите мораа повторно да гласаат во неделата.

„Нема да влеземе во коалиција со ниту една партија“, рече Трифонов на својот ТВ-канал во понеделникот.

Крупниот 54-годишен двометраш, водител и музичар ја истакна својата желба да ѝ се спротивстави на практиката на власт што ја опиша како „неморална и недостојна“.

Наспроти сите очекувања, тој остави зад себе две антикорупциски партии - Демократска Бугарија (десница, 13 проценти) и Крени се! Мафијата надвор! (левица, пет проценти), кои очекуваа да ги покани во владата, рече Парван Симеонов од Интернационалниот институт Галуп.

Ако во парламентот не ја поддржат неговата малцинска влада, тогаш тој ќе ги обвини за неуспех, рече Симеонов, потсетувајќи дека тие две формации, за разлика од ИТН, беа вклучени во масовните демонстрации во 2020 година.

„Најавата на телевизија за одлуките донесени од една личност не е демократија“, реагираше за АФП Николај Хаџигуенов, копретседател на „Крени се! Мафијата надвор!“, сметајќи го за реално и сценариото за трети избори.

Трифонов, кој има здравствени проблеми, рече дека не сака да стане премиер, делегирајќи му ја функцијата на поранешниот министер Николај Василев.

„Слави“ - како што го нарекуваат Бугарите, кои со децении ги следат неговите концерти и ТВ-емисии, се пофали дека има „чесни и достојни членови што зборуваат неколку јазици и студирале на престижни универзитети“.

За прв пат, во владата се очекува претставник на маргинализираната ромска заедница, проценета на девет проценти од бугарското население.

Стратегијата на Трифонов беше пречекана со скептицизам затоа што со помалку од една четвртина од гласовите и рекордно воздржување на гласачите (гласаа само 40 проценти од Бугарите), тој сака слободно да управува со земјата - рече Даниел Смилов, политиколог во Центарот за либерални стратегии, и рече дека тоа укажува на слаба програма на изборниот победник.

Ако резултатите од изборите, кога ќе бидат официјализирани, ја потврдат победата на Трифонов, претседателот Румен Радев, близок до социјалистите, ќе му ја довери задачата да формира влада што ќе го наследи привремениот тим, назначен во април.

На социјалните мрежи екипата на „Слави“ беше предмет на критики: некои ја сметаат за „рака на старата гарда и таканаречено реновирање“, додека други ѝ се потсмеваат на неговата идеја да го испрати првиот Бугарин во вселената.

Всушност, „Трифонов не сака влада и ја злоупотребува довербата на народот“, им рече во понеделникот на новинарите Бојко Борисов (62), чија конзервативна партија Герб го забележа најлошиот резултат во својата историја.

Анкетата на 4 април веќе го најави крајот на ерата почната во 2009 година на тој поранешен телохранител, кој стана семоќен и ја обележа бугарската посткомунистичка историја со политичка долговечност.

Ослабен од минатогодишните демонстрации, тој не успеа да најде партнери. Оттогаш, тој само губеше терен, преплавен од откритија за корупција.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Западот може да му послужи на остатокот од светот како изложба на ужасни и очигледно неуспешни идеи, меѓу кои се и комунизмот, фашизмот, нацизмот, феминизмот, анархизмот и, во последно време, либерализмот.

повеќе

Како и главниот лик во романот, Доне Совичанов, и Ташко Георгиевски никогаш не потклекна и не побара пусулче од Канцеларијата на нашиот јужен сосед во Скопје за да ја премине границата и да го посети своето родно село во Егејска Македонија.

повеќе

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе