Претседателот на Европскиот совет

Туск ќе ја бојкотира годишнината на почетокот на Втората светска војна во Варшава

Доналд Туск реши да го бојкотира свеченото одбележување на 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна поради непримерниот однос на полските власти.

„Не одам на свеченоста затоа што немам ни најмал сомнеж дека организаторите на толку важната свеченост даваат до знаење дека не сакаат да ме видат таму“, кажа Туск, поранешен полски премиер, политички противник на актуелната влада на конзервативната партија Право и правда и на нејзиниот лидер Јарослав Качињски.

На претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во последен момент му била врачена покана само како поранешен полски премиер, иако би требало да им изрази почит на жртвите на војната како претседател на Европскиот совет, бидејќи полските власти, за да избегнат главен гостин да им биде рускиот претседател Владимир Путин, најдоа формула да ја одбележат годишнината со сегашните сојузници од ЕУ и НАТО, а повикани се и шефовите на државите од Источното партнерство.

„Не сакам расправи на тема кој кога кого поканил или не, бидејќи тоа сведочи за ниските стандарди и лошата политичка култура. Сите навикнавме дека извесна форма е обврзувачка, без оглед на споровите. Пред 10 години ја организирав како премиер 70-годишнината од почетокот на Втората светска војна. Дојдоа лидери од целиот свет, сите држеа говори. Прв говорник беше тогашниот претседател Лех Качињски и немав проблем со тоа. Спорот меѓу нас беше жесток но не ми падна на памет да ги кршам правилата“, кажа Туск.

Тоа што меѓу гостите од ЕУ го нема Туск кабинетот на полскиот претседател Анджеј Дуда кој е домаќин на свеченоста во Варшава го објасни со фактот што се повикани претседатели на влади или држави од ЕУ и НАТО, а ЕУ не е држава, и дека Туск може да присуствува но само заедно со останатите поранешни претседатели и премиери на Полска.

Додека на свеченоста на одбележувањето на 70-годишнината од почетокот на Втората светска војна на покана на Туск главен говорник покрај домаќините беше тогашниот руски премиер Владимир Путин како претставник на земјата наследничка на СССР чии 600.000 војници загинаа ослободувајќи ја Полска, оваа година таа чест требаше да му припадне на претседателот на САД Доналд Трамп, кој поради ураганот на Флорида во последен момент ја откажа посетата.

„Не мислам дека тоа што во Полска во ек е предизборната кампања и за неколку недели излегуваме на парламентарни избори влијаело врз одлуката на Трамп. Се гледа со голо око дека Полска за Трамп не е приоритет. Тој е силно фокусиран на Азија, главно на Кина, тој тоа не го крие“, кажа Туск.

Претседателот на Европскиот совет истакна дека Полска и нејзиниот претседател Анджеј Дуда можеле да одиграат некоја позабележлива улога бидејќи на свеченоста во Варшава беше договорена средба на Трамп со украинскио претседател, што би била прилика на симболичната годишнина да се поправи односот на Трамп кон Украина.

„Се гледа резервата и дистанцата на претседателот Трамп кон Украина и нешто како фасцинација со Русија и претседателот Путин“, кажа Туск.

Наместо Трамп на 1 септември на оддавањето почит на жртвите на Втората светска војна во Варшава доаѓа потпретседателот Мајк Пенс кој пред Гробот на незнајниот јунак заедно со претседателот на Полска Дуда и на Германија Франк Валтер Штајнмаер ќе им се обрати на Европејците.

Меѓу лидерите на 40 земји и вкупно 250 гости во Варшава од западниот Балкан ќе ги нема претседателите на Србија, Босна и Херцеговина и Македонија, бидејќи, како што наведоа организаторите, повикани се претседателите на членките на ЕУ и НАТО.

Иако е поканет, свеченоста во Варшава ја бојкотира и претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, затоа што покана не му била испратена на Путин, па белоруската делегација ќе ја предводи амбасадорот во Полска.

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе