„Пристрасна и политички мотивирана“

Турските власти ги отфрлија критиките на Унеско за Аја Софија

Турските власти ја отфрлија вчера загриженоста која ја изрази Комитетот за светско наследство на Организацијата на ОН за образование, култура и наука (Унеско) поради претворањето на историскиот објект – истанбулската црква Света Софија во џамија Аја Софија, наведувајќи дека одлуката е „пристрасна и политички мотивирана“.

EPA-EFE

Комитетот во петокот побара од Турција до 2022 година да поднесе извештај за состојбата на зачуваноста на зданието и изрази длабока загриженост поради последиците од претворањето на црквата во џамија.

Органот на Унеско изрази длабоко жалење поради „недостигот од дијалог и информации“ за промената на статусот на базиликата, едно од ремек-делата на византиската архитектура.

Турското министерство за надворешни работи соопшти дека ги отфрла оценките на комитетот оценувајќи ги како полни со „предрасуди и пристрасност“ и дека се политички мотивирани.

Аја Софија е во државна сопственост и е заштитена, истакна турското министерство, обвинувајќи го Унеско за кршење на суверенитетот на Турција.

Црквата Света Софија е изградена во 537 година, а во џамија е претворена во 1453 година, веднаш откако трупите на султанот Мехмед Освојувачот го разурнале, зазеле и ограбиле Константинопол, денешен Истанбул.

Пет века подоцна, во 1935 година, за време на проевропската реформа на Турција предводена од Ататурк, била претворена во музеј. Аја Софија е на Списокот на светско културно наследство на Унеско.

Одлуката за враќање на Аја Софија во џамија во јули 2020 година предизвика критики низ светот, особено во Грција која го присвојува византискиот период како дел од својата култура и наследство.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе